Со 84 гласа „за“ Собранието го донесе Законот за енергетика кој треба да спречи поскапување на струјата

од Илинка Илиоска
986 прегледи

По скратена постапка, Собранието со 84 гласа ЗА, и ниту еден против и воздржан го донесе Законот за дополнување на Законот за енергетика што го најави ВМРО-ДПМНЕ за да се спречи зголемување на цената на струјата.

Претседателот на Комисијата, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е еден од предлагачите на законот, посочи дека измените се суштински, но едноставни, поради што законот е предложен по скратена постапка. Стојаноски објасни дека измените вклучуваат продолжување на лиценцата на правното лице за шест месеци за да се избегнат компликациите при формирање на ново правно лице, и намалување на маржата од 11,5% на 9,9%. Ова ќе ја задржи цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар без да се наруши независноста на регулаторните тела.

Пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ рече дека предложените измени се продолжение на добрите политики на претходната влада во обезбедувањето електрична енергија по пристапни цени. Тој истакна дека намалувањето на маржата ќе овозможи граѓаните да добијат електрична енергија без значително оптоварување на нивниот буџет.

Законодавно-правната комисија ја донесе истата одлука. Предлог законот ќе биде разгледан на продолжението на осмата седница на Собранието вечерва.

Слични содржини