Синоќа во дебатна емисија, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски се осврнал на темата за блокадите кон Македонија од Бугарија за влез во Европската Унија и истакнал дека ставот на Владата е јасен, односно предвидлива иднина кон патот на европското семејство, без притоа да има одредени пречки коишто задираат во идентитетот на државата.
„Европската Унија и членството во Европската Унија е централната оска на нашето позиционирање, нашиот став, принципиелен и јасен од времето кога бевме опозиција, предвидлива иднина кон патот на Европската Унија без притоа да бидеме ветоизирани, без притоа да бидеме кочени, без да имаме одредени пречки на патот коишто задираат во нашиот идентитет. Во последниов период гледаме еден нејасен маневар од страна на СДС, замислете да имате одредена одлука за којашто сте ги загубиле изборите, да дојдете до историски минимум на 150.000 гласови, потоа на уште еден минимум од 125.000 гласови, по јавните мерења да гледате дека граѓаните се остро против тој предлог којшто вие го заговарате. Ние имаме еден принцип и еден став за којшто добивме и доверба од граѓаните на изборите, ние само сакаме некој да ни одговори на прашањето што доколку ги направиме уставните измени и за неколку месеци повторно бидеме ветоизирани“, рекол Стојаноски во „Само вистина“ и додал:
„Како ние да поверуваме дека тоа ќе биде последната отстапка кога вие имате изјава на бугарски министер за надворешни работи, новиот избран премиер, дека уставните измени не се последното барање. Не постои реформа, не постои начин, не постои одредено нешто коешто ние не сме го жртвувале или исполниле за да бидеме дел од тоа европско друштво, за на крај да заглавиме во билатерален спор, овој проблем којшто ние сега го имаме со ветото го направи СДС и ДУИ“.
Во врска со законските измени за укинување на техничката влада Стојаноски објаснил дека тој концепт е повеќе неодржлив поради условите коишто се одамна променети, а за коишто истиот бил формиран.