САД и Германија се подготвени да ги зајакнат воените напори на Украина со снабдување со тешки тенкови, потег што Русија го осуди како „еклатантна провокација“. Очекуваните испораки на тенкови доаѓаат откако официјален Киев отпушти неколку високи функционери како дел од нејзината борба против корупцијата, во обид што доби на интензитет со оглед на потребата да се држат настрана западните сојузници. Се очекува Вашингтон уште во среда да објави дека ќе испрати тенкови „М1 Абрамс“, а Берлин одлучи да испрати тенкови „Леопард 2“, велат изворите. Иако нема официјална потврда, официјалните лица во Киев го поздравија она што го гледаат како можна промена на текот на војната.
За каков вид на оружје и опрема станува збор, „Локално“ контактираше со експертите во обид да дознае повеќе информации. Според универзитетскиот професор и поранешен министер Оливер Андонов, станува збор за тенкови кои се еднакви на „меркава“ во Израел или со „T-90“ од руско производство.
-Тоа се тенкови со помал број на посада, тројца до четворица со високо прецизно оружје, со системи за управување со оган, така што може и при големи брзини да дејствуваат со реактивна противоклопна заштита. Брзи се, отпорни се, така што се работи за најсовремена генерација на тенкови. „Леопардот“ спаѓа во оние кои се најдобри тенкови. Тој е далеку најдобар од сите, иако е некаде околу 60 тони. Се сметаат за средни тенкови, бидејќи во денешно време немате тенк под 45 тони тежок, не информира професорот.
Според него, Украина со овие тенкови ќе добие голема предност во борбените дејствија.
-Ќе им ја зголеми офанзивната моќ, но не може да се смета на тоа ако добијат 20 или 30. Нив им требаат две-три оклопни бригади со по стотина тенкови, за да можат да преземат одлучувачки чекори и стратешки продор на фронтот, појаснува професорот Андонов.
Околу евентуалната реакција на Москва на оваа испорака, професорот вели дека очекува политичка, но не и воена реакција.
-Русите веќе го подготвуваат јавното мислење кај нив дека веќе се во отворена војна со НАТО. За мене повеќе е прашањето дали се спремни Германците да дозволат извоз на нивна технологија. Се работи за тоа дека при борбени дејствија никој не може да гарантира дека некој дел од вооружувањето и опремата нема да падне во заробеништво на спротивната страна, што значи обработка на технолошко откривање на некои работи кои се специфични. На пример што е тоа што го прави „Леопард“ подобар од руските тенкови? Ако таа технологија ја немаат Русите и дојде до заробување, тогаш можат да ја откријат. Затоа Германците како извозители на „Леопардите“ имаат во договорите каде што ги имаат испорачувано, забрана за продавање и препродавање испорака на тенковите на други, истакна тој.
Андонов е дециден дека нема позитивен исход од војната.
– На крајот од се треба да бидеме свесни дека Украина војува со Русија. Да не беше поддршката од НАТО, не верувам дека Киев војнички ќе издржеше толку долго да се бори. Повеќе се работи за тоа колку се проценува проценува способноста на украинската војска да издвојува победа. Се се сведува на тоа дека ќе има прекин на војната преку преговори, ни порачува професорот и додава:
-И во најдобар случај Киев да го добие целото расположливо оружје на НАТО за офанзивни дејствија и да ги истисне Русите од нејзина територија, мислите дека тука ќе заврши војната? Што значи тотална победа над Русија, окупација на Москва? Претпочитам повеќе да се оди на преговори за да престане војната. Ова не е Втора светска војна. Дури и за искуствата после тоа, кажете ми една војна во која имаме конечно решение? Тоа не можеме да го кажеме и за Авганистан. Ова е доста пат позиција во однос на борбените дејствија, анализира професорот за состојбата на фронтот и можниот излез од оваа сложена ситуација.
Н.П.