Андонов: Сериозни европски компании повторно покажуваат интерес за „Чебрен”, очекувам квалитетни понуди

од Берта Китинска
924 прегледи

Очекуваниот рок за изградба на хидроцентралата Чебрен, заедно со акумулацијата Орлов Камен е предвиден на 7 години, имајќи предвид дека се работи за огромна брана со висина од над 190 метри. Вештачката акумулација ќе биде најголема во нашата држава, вели во интервју за „Локално“,Виктор Андонов соработникот за енергетика во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, при Секретаријатот за јавни политики , координација и следење на програмата на Владата и на други стратешки планови, проекти.

Во однос за тоа како ЕУ ќе опстои на барањето на Путин да се плаќа рускиот гас во рубљи и на кој начин нашата земја ќе се снабди со гас бидејќи сме 100% зависни од рускиот, Андонов вели дека суштината на енергетската сигурност на која било земја е намалување на увозната зависност како и диверсификацијата на изворите на снабдување со енергија, како што појаснува тој тоа би значело со колку повеќе опции располагаме како земја за обезбедување на одреден тип на енергија, толку ќе бидеме енергетски “побезбедни“.

-Кај нас, за жал во минатото не се размислувало за изградба на алтернативни рути за обезбедување на природен гас, како што е гасоводот со Република Грција преку кој ќе се поврзевме на Транс-Јадранскиот гасовод (ТАП) кој од Азербејџан ќе испорачува природен гас до Италија. Дури и денес некои од „експертите“ критикуваат зошто не сме се приклучиле на Јужен тек, кој истотака обезбедува дополнителни количини на природен гас од Русија, вели тој.

Проектот ХЕЦ Чебрен е во втора фаза, најави премиерот Ковачевски по што видовме дека девете заинтересирани понудувачи беа на увид на теренот кој ќе се гради. Се чини дека со малку помало внимание се следи проектот кој со години ниже неуспешни тендери, дали овој пат конечно ќе се реализра?

-Изградбата на пумпно акумулуационата хидроцентрала Чебрен е еден од стратешките проекти кои нашата држава треба да ги реализира со цел успешно спроведување на енергетската транзиција. Да потсетам, Чебрен е реверзибилна хидроцентрала која треба да се изгради на Црна Река како дел од предвидениот каскаден систем на хидроцентрали, Чебрен, Галиште и Тиквеш во согласност со стратешките документи и планови од 20 век. За жал во време на бивша Југославија, од овие три хидроцентрали, изградена е само ХЕЦ Тиквеш која и до ден денес успешно работи и е значаен дел за одржување на стабилноста на електроенергетскиот систем. Во изминатите 15-тина години, имаше повеќе неуспешни обиди преку тендерски постапки, овие две хидроцентрали (Чебрен и Галиште) заедно со ХЕЦ Тиквеш, да се понудат на приватен партнер кој заедно со АД ЕСМ требаше да ги управува. За жал, иако имаше сериозни понуди од големи компании, како што се германската RWE (денес најголема енергетска компанија во ЕУ) и грчката државна компанија PPC истите не биле сериозно анализирани и прифатени и тендерските постапки биле поништени. Доколку истите биле прифатени, денес Чебрен успешно ќе работеше и значително ќе помогнеше во справувањето со денешната енергетска криза, имајќи во предвид дека проектираното годишно производство, во зависност од техничките варијанти, е предвидено на околу 1000 GWh на годишно ниво. Со денешните цени на берзите на електрична енергија, трошокот за увоз на истата количина на електрична енергија, изнесува од 200 до 250 милиони евра на годишно ниво. Овој увоз е на либерализираниот пазар и во најголем дел паѓа на товар на домашните компании.

Како резултат на реформите во енергетскиот сектор, најавената енергетска транзиција од страна на Владата, интересот на сериозните европски компании за проектот Чебрен, повторно се врати, имајќи во предвид дека целиот регион ќе спроведува енергетска транзиција, значително ќе се појави потребата од ваков тип на проекти, кои ќе бидат значајни и за производство на електрична енерија како и за балансирање на електроенергетските системи.

Токму поради тоа, постапката до оваа фаза се спроведува успешно, и врз основа на повратните информации од компаниите во однос на нивните очекувањата на концептот на проектот, очекувам дека ќе имаме неколку квалитетни понуди и процесот конечно ќе заврши со избор и потпишување на Договор.

Колку ќе ја намали зависноста овој проект, односно за колку се очекува да се зголеми домашното производство?

-Како што напоменав и во одговорот на првото прашање, очекуваното годишно производство на електрична енергија е околу 1000 GWh. Дополнително, ХЕЦ Чебрен ќе работи во каскаден систем со постојната ХЕЦ Тиквеш, што значи дека ќе има и позитивен ефект и зголемување на постојното производството во ХЕЦ Тиквеш, односно целата каскада на хидроцентрали би произведувала околу 1200 GWh. Ако го споредиме со минатогодишното производство на електрична енергија од ЕСМ, кое беше околу 3100 GWh, значи дека зголемувањето би било за околу 33%. Или споредено со производството на големите хидроцентрали, истото во изминатите години се движи од 800 до 1200 GWh, само со изградбата на Чебрен би се дуплирало постојното годишно производство од сите големи хидроцентрали. Или објаснето пластично, производството на електрична енергија од Чебрен би ја задоволила потрошувачката на електрична енергија на околу 180 илјади домаќинства.

Кои се роковите? Кога да очекуваме одлука и старт на градба?

-Рокот за доставување на понудите е 15 јули 2022, се надевам до крајот на летото ќе заврши и евалуацијата на понудите за да во септември конечно, Владата донесе одлука за избор и ќе го потпише Договорот со најдобриот понудувач. По што треба да следува изработка на потребните проекти и добивање на дозволите за изградба. Еден од најважните документи кој во минатиот период не бил изработен е Студијата за влијание врз животната средина, која во моментот се работи со техничка помош на ЕБРД, преку инвестициската рамка за Западен Балкан.

Очекуваниот рок за изградба на хидроцентралата Чебрен, заедно со акумулацијата Орлов Камен е предвиден на 7 години, имајќи предвид дека се работи за огромна брана со висина од над 190 метри. Вештачката акумулација ќе биде најголема во нашата држава. Се разбира декаинвеститорите имаат можности и побрзо да ја изградат во зависност од нивите капацитети и условите на терен.

Во моментов актуелни се прашањата за тоа како ЕУ ќе опстои на барањето на Путин да се плаќа рускиот гас во рубљи. Како ја цените состојбата? Со оглед на тоа дека сме 100% зависни од рускиот гас?

-Имајќи предвид дека некои земји од ЕУ се помалку зависни од рускиот гас, и имаат и други извори на снабдување, тие полесно би можеле да го преземат ризикот од целосен прекин со снабдувањето на природен гас од Русија, додека некои земји имаат единствена точка на снабдување само од Русија и тие очекувано би имале поголеми проблеми во обезбедувањето на енергетската сигурност за своите граѓани, како и за одржувањето на стабилноста на економијата. Во рамките на ЕУ постојано се водат разговори помеѓу членките како да се справат со состојбата, иако морам да потенцирам дека кај одреден дел од членките кои исто така се многу зависни од природниот гас од Русија, постои уверување дека треба да се издржи во санкциите кон Русија и по цена на целосна забрана на увоз на природниот гас.

Кај нас, за жал во минатото не се размислувало за изградба на алтернативни рути за обезбедување на природен гас, како што е гасоводот со Република Грција преку кој ќе се поврзевме на Транс-Јадранскиот гасовод (ТАП) кој од Азербејџан ќе испорачува природен гас до Италија. Дури и денес некои од „експертите“ критикуваат зошто не сме се приклучиле на Јужен тек, кој истотака обезбедува дополнителни количини на природен гас од Русија. Логичното прашање кое треба да го поставиме, е што ќе се случеше доколку се конектиравме на Јужен тек и уште повеќе ја зголемевме зависноста од истиот извор, во денешните услови на криза со високите цени и со војната во Украина.

Суштината на енергетската сигурност на која било земја е намалување на увозната зависност како и диверсификацијата на изворите на снабдување со енергија, што во превод значи со колку повеќе опции располагаме, за обезбедување на одреден тип на енергија, толку сме енергетски “побезбедни“.

Природен гас кај нас пред сѐ се користи за производство на електрична енергија и топлина, и помал дел во индустријата и јавните објекти. Генерално топлинската енергија во Скопје може да се обезбеди и со работа на топланите кои како резервно гориво можат да работат и на мазут. Се надевам дека ќе се најде прифатливо решение во однос на набавката и плаќањето на природниот гас, како би можеле нормално да функционираме следната зима. Меѓутоа сите треба да бидеме свесни дека состојбата е променета во споредба со пред неколку години, има војна во Европа, криза со високите цени на енергенсите и сите да бидеме свесни и одговорни и да почнеме да се прилагодуваме на новонастаната состојба за полесно да се справиме со негативните ефекти.

Зависноста од рускиот гас и од нафтата треба да заврши во 2027 година, барем според Економскиот комесар на ЕУ. Потпирањето на ЛНГ од Катар и САД се опција но колку тоа сепак ќе значи вивнување „во воздух“ на цените на гасот?

-Како резултат на војната во Украина, во март 2022 година Европската Комисија подготви план за намалување на зависноста од Русија од фосилни горива до крајот на 2030 година. Планот содржи и сет на мерки кои се одговор на високиот раст на цените на енергенсите како и обезбедување на резерви на природен гас за наредната зима. Планот има за цел да го диверсифицира снабдувањето со природен гас во ЕУ, да ја забрза енергетската транзиција со зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија и да го замени природниот гас посебно во делот на затополување и производство на електрична енергија. Со овој план ЕУ би можела да ја намали зависноста од природниот гас од Русија до крајот на оваа година за две третини.

Во делот на резервите со природен гас, секоја земја членка која има подземни капацитети за складирање на природен гас, ќе има обврска да ги исполни со најмалку 90% пред 1 октомври секоја година.

Како што напоменав на почетокот, со целосна примена на планот, ЕУ до 2030 година би ја намалила употребата на природниот гас од Русија за околу 155 милијардни кубни метри, или приближно исто колку што ЕУ увезувала во текот на 2021 година.

Една од опциите за диверсификација на снабдувањето е секако обезбедувањето на одредени количини на втечнетиот природен гас – LNG, кој доаѓа од САД, Катар, Алжир и од останатите земји, меѓутоа во моментот ЕУ не е подготвена со потребната инфраструктура за целосна замена на рускиот гас со LNG. Не би се сложил дека би се „вивнале“ цените на природниот гас, мислам дека тоа е заплашување и создава негативни ефекти врз развојот на економијата. Еве претходната година, цените на природниот гас се веројатно највисоки во историјата, а не се предизвикани од употребата на LNG, прашањето е, поради што се највисоки? Читајќи анализи за употребата на LNG во Грција во последните 5,6 години во некои одредени години цената на LNG дури била и поевтина. Во последниот период, кај нас во медиумите и кај некои „експерти“ иако немаат доволни познавања во овој дел, свесно создаваат паника кај граѓаните и кај компаниите, дека ако се користел LNG се ќе поскапело, требало да менуваат уреди за користење на природниот гас и слично. Можам да кажам дека тоа е груба манипулација, никој не треба да менува ништо, самата кратенка “LNG“ значи втечнет природен гас, тоа е природен гас кој поради потребите на транспортирање се втечнува на многу ниски температури (-160o C) и се транспортира до одреден терминал. Суштината на терминалот е тој втечнет природен гас да го регасифицира и да го пушти низ постојните преносни системи на природен гас, значи тие што го користат нема да чувствуваат никаква разлика, ниту пак треба да прават некакви дополнителни инвестиции.

Треба да очекуваме дека ќе се зголеми улогата на LNG терминалите со цел диверсификација на снабдувањето со природен гас во ЕУ, и токму во таа насока се движи и нашето партиципирање во сопственичката структура на терминалот во Александропулис заедно со државите во регионот, токму како проект од стратешки интерес на ЕУ.

Енергетиката по пандемијата стана актуелна тема која предизивика загриженост, се донесе одлука за помош со субвенции за струја и парно. Колку не чинеше зимата?

-Лично сметам дека енергетиката постојано треба да е актуелна тема и секогаш треба одговорно да се однесуваме кон неа, бидејќи таа е двигател на економскиот развој на една држава. Доколку во изминатите 30 години, изградевме некој од големите стратешки производни објекти, како што се Чебрен, Бошков Мост, Гасна електрана во Скопје и други, денес многу полесно ќе ја поминевме кризата со високите цени, посебно приватните компании, јавните претпријатија, државните институции кои денес плаќаат неколку пати повисоки сметки за струја, бидејќи истите зависат од цената на регионалните берзи на електрична енергија. Доколку ги изградевме планираните проекти, домашното производство ќе беше значително повисоко од сегашното и можеше покрај обезбедување на ниска цена за граѓаните, истата да им биде понудена и на сите горенаведени субјекти. Министерот за економија и генералниот директор на ЕСМ одржаа заеднички прес за медиумите и граѓаните и ги презентираа точните бројки и не би сакал да ги повторувам или парафразирам. Можам само да потенцирам дека најголемиот товар падна токму на АД ЕСМ и значително ја намали неговата ликвидност и способност за инвестирање во нови производни капацитети.

РKE најавува воведување на реформа во тарифниот систем за електрична енергија, при тоа сподели дека 1% од потрошувачите трошат скоро 20% од енергијата што есм ја произведува од 41 евро за мегават час, додека на берза достигна 450 евра. Како ја оценувате реформата што се најавува?

-Имајќи предвид дека способноста на ЕСМ е намалена, поради причините наведени погоре во одговорите на прашањата, сметам дека неопходно е да се спроведе соодветна реформа која ќе биде одговор на постојната состојба која е неодржлива на долг рок. Во изминатите неколку години Регулаторната Комисија за енергетика и водни услуги е најдобра оценета комисија од страна на Секретаријатот на енергетската заедница во споредба со регулаторните тела кај сите земји членки, така да очекувам дека ќе направат квалитетни анализи и ќе предложат соодветно решение кое треба да биде прифатливо за сите чинители во енергетскиот сектор, вклучувајќи ги и потрошувачите. Имајќи предвид дека насекаде во Европа, државите ставаат акцент на поддршка на ранливите категории на потрошувачи со енергија, односно на тие потрошувачи на кои сметките за енергија им одземаат голем процент од нивните примања. Токму во таа насока треба да биде и реформата, оние домаќинства кои трошат помалку енергија да плаќаат помалку, додека оние кои трошат повеќе да плаќаат повеќе, тоа секако е поврзано и со стандардот на граѓаните. Дополнително во согласност со Законот за енергетика, Министерството за економија во соработка со Министерството за труд и социјална политика, предлагаат Програма за заштита на ранливите категории, на кои со дополнителни мерки финансиски им се помага за намалување на енергетската сиромаштија.

Се подготвуваат законски измени во делот на поставување на фотоволтаици во домаќинстават кои ќе бидат придобивките на граѓаните? Дали моќноста до 4 кw за сопствени потреби е премалку и треба да се зголеми границата?

-Со донесувањето на Законот за енергетика во 2018 година и подзаконските акти, за првпат се воведе можноста за домаќинствата и индустријата да можат да постават фотонапонски електрани на своите кровови со цел обезбедување на сопствените потреби со електрична енергија кои вишокот од производство на електрична енергија би го продавале на својот снабдувач со енергија, без притоа да има потреба да регистрираат фирми и да обезбедуваат лиценци за производство на електрична енергија. Ова е дефинирано во Правилникот за обновливи извори на енергија донесен од Министерот за економија во 2019 година. Имајќи ја предвид постојната криза со високите цени на електрична енергија, во изминатиот период, Владата и Министерството за економија во соработка со Регулаторната Комисија за енергетика и водни услуги анализираа можност за зголемување на инсталираниот капацитет како кај домаќинствата, така и кај индустријата и истото очекувам да биде донесено овој месец или во текот на месец јуни. Дополнително важен елемент е дека со измените домаќинствата ќе може вишокот на електрична енергија да го продаваат и на Универзалниот снабдувач, односно на „ЕВН Хоум“. Имајќи во предвид дека граѓаните не издаваат фактури за продадената електрична енергија, Министерството за финансии ги подготви и потребните измени во законската регулатива, со која ќе се овозможи „ЕВН Хоум“ или кој било снабдувач, да може да биде даночен застапник во име на домаќинствата кои ќе ја продаваат електрична енергија токму на нив.

Б.М.

Слични содржини