Андонов: Во јануари за скоро 30% зголемено домашното производство на електрична енергија во споредба со минатата година

од Radmila Tasevska
259 прегледи

На денешната прес-конференција соработникот за енергетика, Виктор Андонов ги презентираше најновите информации во врска со енергетската состојба во земјата.

Тој подвлече дека во месец јануари, во екот на зимата, домашното производство на електрична енергија беше зголемено во однос на претходната година, стабилно и во целост ги задоволи потребите на граѓаните и малите потрошувачи.

„На почетокот на годината, по успешното монтирање на трансформаторот на БЛОК 3 во РЕК Битола, за прв пат после долг временски период беа ставени во функција сите домашни расположливи енергетски капацитети. Ова беше потврдено и со бројки, односно на 29 јануари 2023 година дневно производство од домашните производни капацитети изнесуваше 21.229 MWh на електрична енергија, што претставува рекордно највисоко дневно производство во последните 10 години. Како резултат на посветената работа на нашите електро инженери и работници во енергетскиот сектор, за што и претседателот на Владата неколку пати упати признанија и благодарност за нивниот вложен труд. Врз основа на податоците за месец јануари можеме да заклучиме дека резултатите во однос на домашното производство на електрична енергија се повеќе од добри, впрочем ако во минатото било вообичаено да се увезува во овој период од годината, благодарение на зголеменото производство ЕСМ успеа целосно да ги задоволи потребите на домаќинствата, малите потрошувачи и дополнителните обврски за прехранбената индустрија, училиштата, водоснабдувачките системи и други витални државни субјекти, дополнително беа продадени и вишоци на електрична енергија. Во месец јануари вкупното домашно производство на електрична енергија изнесува 561.350 MWh електрична енергија. Во споредба со истиот месец претходната година кога производството на електрична енергија изнесуваше 434.189 MWh. Зголемувањето во месец јануари изнесува 29% и е во согласност со планот за 2023 година, со кој се предвидува зголемување на годишното производство на електрична енергија за 20% во однос на 2022 година“, рече Андонов.

Воедно тој го презентираше енергетскиот биланс за први февруари, кој покажува дека вкупното домашно производство на електрична енергија изнесува 19.172 Mwh, од кои 13.744 Mwh од термоелектраните, а 5.428 MWh од обновливи извори. Со ова производство целосно се задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и други витални држави субјекти.

„На 20-ти јануари заврши повикот на ЕСМ за пријавување на компании од прехранбена индустрија, основни и средни училишта и јавно комунални претпријатија за снабдување со струја по фиксна субвенционирана струја од 1-ви февруари. Според обработените податоци, вкупно новопријавени се 41 субјект, од кои 21 компании од прехранбената индустрија, 17 основни и средни училишта и 3 јавно комунални претпријатија. Според нашите расположливи податоци, уште 80-тина основни и средни училишта не се пријавени од вкупно 475 основни и средни училишта во државата. Ја користам приликата истите да ги повикам да се пријават и да ги искористат можностите што Владата ги нуди“, рече Виктор Андонов, соработник за енергетика.

Слични содржини