Економските односи на С.Македонија, Србија и Албанија се традиционално позитивни, но јас не гледам некое поголемо раздвижување на бранот на иницијативата Отоврен Балкан во последните 3 години откога се зборува за ова ново, четврто по ред регионално вмрежување. И ако со Берлинскиот процес можевме да видиме некои опипливи ефекти, во овој случај тие се сведуваат на убави зборови без конкретна реализација. вели Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, во разговор за Локално воочи утрешниот самит на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, кој се одржува во Охрид.
Многу е важно да се каже, според него е дека „Отворен Балкан“ не смее да биде алиби за затворена Европа.
На прашањето зошто има отпор од другите земји од Западен Балкан за приклучување на иницијативата, иако деновиве во Охрид ќе пристигнат и Абазовиќ (премиер на Црна Гора) и Тегелтија (Претседавачот на Советот на министри на БиХ) како гости и можни идни членови, Андоновски истакнува две причини.
– Прво затоа што нема опипливи придобивки од десетината средби на високо ниво, и втората – од политичката неумешност да се визионира овој проект. Наместо „Отворен Балкан“ да се гради како втора напредната фаза од ЦЕФТА или Берлинскиот процес, оваа иницијатива повеќе наликува на паралелизам и парцијализација на економско-социјалното поврзување. Не се јасни политичките причини, не е познат временскиот и активносниот патоказ, нема точни параметри за оценување на успешноста, не постои патоказ на оценка на почетокот и крајот на процесите, смета меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, ниту во иднина не очекува некој голем интерес од останатите земји од регионот – бар не оние со кои Македонија има сериозен трговски биланс.
За изјавите кои доаѓаат од Црна Гора и Косово, дека„Отворен Балкан“ не почива на европски вредности како и дека иницијативата „не го почитува принципот на инклузија и не ги третира сите земји подеднакво“, членот на опозициската партија смета дека „проблемот е што не постои демант на овие ставови од ниту една вклучена страна“.
– Доколку повеќе што Владата во Македонија се плашеше уште од почетокот да го вклучи Собранието (а со тоа и опозицијата) во суштината на разговорите за „Отворен Балкан“. Тоа го прави процесот несериозен и нецелосен. При хроничен недостаток на информации и континуитет на лоши одлуки на македонската Влада, оправдан е стравот кон вакви нестандардни пристапи. Уште повеќе затоа што веќе постојат вакви иницијативи на пошироко и повисоко ниво. Нивно мултиплицирање без соодветна поткрепа остава сомнеж дека зад завесата се кријат други причини, смета тој.
Во однос на тоа дали иницијативата е некаква подготовка пред членство во ЕУ или пак е замена за ЕУ и некаква нова „мини Југославија“, Андоновски е на мислење дека помирувањето со Балканска лига наместо Европски шампионат би бил историски и генерациски пораз за Македонија.
Како генерација, додава тој, не смееме да дозволиме било кој да зборува за алтернатива на ЕУ во Македонија, а што се однесува до подготовките, истите треба да бидат за донесување на ЕУ во Македонија и Македонија во ЕУ.
За тоа дали „Отворен Балкан“ сепак ќе донесе инвестиции во земјава, меѓународниот секретар на опозициската партија посочува дека секој напор за поттикнување на економскиот раст е за поздравување, но, за жал, досега од оваа иницијатива „не гледаме некој позначаен поттик на економските активности во поглед на соработката во бизнис секторот или привлекување нови инвестиции“.
– Доколку сепак се успеат да се постигнат позначајни конкретни исчекор, свое место во овој „чадор“ би можеле да бараат компаниите кои претежно работат билатерално или трилатерално во овие држави. Сепак, нивниот ефект ќе биде правопропорционален со донесените конкретни мерки, кои досега недостасуваат, истакна Андоновски.
На прашањето каква иднина и предвидува на иницијативата, дали ќе опстане доколку останат само овие 3 земји, тој не очекува сериозен напредок на Отворен Балкан „се додека имаме слаба влада во Македонија неспособна да испорача реформи кои ќе значат силна економија“.
– Градење на домашните ресурси и добрата бизнис клима ќе значи подинамична домашна економија. Тие процеси се оние кои можат да донесат повеќе инвестиции и ќе значат поддршка за постоечките бизниси и граѓаните воопшто. Што се однесува до Отворен Балкан – Како и сите досегашни иницијативи на Владата Заев-Ковачевски, и оваа очекувам да биде добра како ПР алатка а граѓаните да продолжат да осиромашуваат. Доколку истата не се придвижи кон системско, целосно инклузивно, ЕУ-поддржано решение, не очекувам истата да вроди со плод кој ќе биде посериозно забележан, вели Андоновски за „Локално“.
В.З.