Андоновски: Нашата визија е целосна дигитализација на јавните услуги, балансерот ќе се укинува етапно

од Milan1
25 прегледи

Нашата визија е целосна дигитализација на јавните услуги, а балансерот ќе се укинува етапно, иако притисоци за неговото укинување има, истакна меѓу другото Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во своето гостување на ТВ 24, во емисијата „Аргумент плус”.

„Нашата визија е целосна дигитализација на јавните услуги, комплетирање и целосно интегрирање на системот е-услуги, подобрување на капацитетот на јавните институции за испорака на ефикасни е-услуги, подигнување на дигиталната писменост на граѓаните и деловните субјекти за користење на е-услуги и зголемено користење и запознавање на граѓаните со овие услуги. Дигитализацијата ќе биде приоритет што ќе го трансформира начинот на работа на јавната администрација и ќе ја зголеми нејзината економичност, транспарентност и квалитет на работа и покрај фактот што 91% од компаниите користат интернет и компјутери, само 100 илјади корисници се во моментот застапени на веб порталот на Владата“, изјави Андоновски.

Министерот Андоновски потенцираше дека целта на оваа Влада во наредниот период е да промовира високи стандарди во технолошкиот развој преку насочени инвестиции, а овој сеопфатен пристап има за цел да ја позиционира Македонија како лидер во регионот за да се смени досегашната реалноста според која, Извештајот за е-Влада на Европската комисија, ја сместува Македонија на последното место, додека Извештајот за дигитализација на претпоследно место.

„Нашите клучни интервенции ќе бидат во насока на забрзување на дигиталната трансформација во земјата, унапредување на инфраструктурата и технологиите за дигитализација со следење на динамиката на промени на светско ниво“, нагласи Андоновски.

Андоновски ги коментираше и реакциите на ДУИ поради укинување на балансерот.

„Притисоци за укинување на алатката балансер има, прво тие беа во форма на потсмев кога ќе кажевме дека ќе се укинува, за сега да се замени со дрскост па дури и со закани за безбедносна дестабилизација, рече Андоновски.

Тој истакна дека балансерот ќе се укинува фазно и дека во опција се можност за носење Закон за соодветна и правична застапеност при вработувањата или со промена на методологијата која се уште е на сила а за која беа надлежни Министерствата за информатичко општество и администрација и за политички систем.

Слични содржини