Андоновски: Се работи на воведување на дигитална верзија на лични карти и возачки дозволи

од Илинка Илиоска
69 прегледи

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска  го најави проектот за изработка на владина мобилна апликација за административни услуги, наречена Super App ELI. Оваа апликација, со вкупна вредност од 1.200.000 евра, се финансира преку програмата на Европската унија „Дигитална Европа“ и има за цел да го подобри пристапот до јавните услуги.

Андоновски објасни дека апликацијата ќе овозможи секој граѓанин да пристапува до административни услуги преку својот мобилен телефон. Во рамки на овој проект се работи на воведување на дигитална верзија на лични карти и возачки дозволи, познати како мобилен паричник (ID Wallet).

Министерството, како што кажа Андоновски, работи на освежување на порталот uslugi.gov.mk, со цел тој да стане поинтуитивен, лесен за користење и достапен за лицата со попреченост.

Покрај тоа, Андоновски најави дека во 2025 година ќе бидат додадени 100 нови електронски услуги на порталот, базирани на потребите на граѓаните и анализите од институциите. Овие услуги ќе ги покриваат областите на административните процедури во МВР, ПИОМ, Министерството за правда и други.

 

Слични содржини