Андов : Излезот од кризата е во концентрациона влада

од Vladimir Zorba
70 прегледи

Во таа влада треба да бидат личности прифатени од четирите партии, но ниту еден од „четворката“, за да не се пренесе атмосферата на меѓупартиски судири, вели екс-претседателот на Собранието, Стојан Андов во интервјуто за DW.

0,,19388477_303,00 (1)

Тој е еден од најискусните политичари на македонската сцена – од значајни политички функции во поранешната СФРЈ, амбасадор, до претседател на првото повеќепартиско Собрание на независна Македонија. Во интервју за Дојче веле, Стојан Андов (80) зборува за актуелната политичка криза, како и за можностите за излез од најдолгата агонија на државата од нејзината независност.
DW: Либералната партија, чиј почесен претседател сте денес, во повеќе наврати понуди автентични предлози за излез од кризата, различни од хорските пеења на левицата и десницата. Колку таа различност е предност, а колку хендикеп во оваа поларизирана реалност?
Андов: Точно е дека Либералната партија има свои автентични понуди за излез од кризата, различни – како што велите. По основното прашање, отфрлање на режимот на Груевски, меѓу ставовите на ЛП и левицата нема разлики. Разликите, и тоа доста битни, се јавуваат кога е во прашање тактиката што треба да се примени во процесот на разрешување на кризата. Раководството на ЛП сметаше дека за успешно спроведување на Пржинскиот договор беше нужно од почеток да се тргне со прецизен план, а тоа за жал не го прифати и не го стори најголемата опозициска партија СДСМ. Ставовите и тактиката што требаше да се применат ЛП ги изложи во октомври 2014 година. Во тоа видување речиси во целина беа предвидени договорите од Пржино, но и потребната тактика како да се спроведат. За жал СДСМ ги игнорираше предлозите на ЛП. Ниту ги одби, ниту ги прифати, ниту пак на некој начин се осврна на нив. Да ви одговорам директно на прашањето. Различноста на предлозите на ЛП се предност и за неа и за сите оние кои навистина сакаат што побрзо да се разреши политичката криза во Македонија, а хендикеп е што лидерите на четирите потписнички на Пржинскот договор сосем го затворија кругот на дејствување и не ги интересира ништо што кажува или предлага некој надвор од тој круг. Тоа навистина е голем хендикеп на пржинскиот процес.

DW: Од „црниот понеделник“ во 2012 година до денес, политичката криза се манифесираше и како правна, и институционална, и морална, а на пат е да се претвори и во економска. Претесен ли е Договорот од Пржино за санирање на сите овие аспекти, или проблемот е што во неговото спроведување потфрлија и домашните субјекти и странски посредници?
Андов: Сериозните потфрлања на опозицијата се јавија уште по настаните од 24 декември 2012 година. Тогашното раководство на СДСМ не застана цврсто, како безусловно барање, некој државен функционер да понесе одговорност, да биде казнет. По тоа прашање не требаше да се прифаќаат разговори со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи вината на Трајко Вељаноски беше евидентна: пред негови очи ги исфрлија новинарите од Собранието и опозициските пратеници од пленарната сала, а тој не презеде ништо. Ниту еден друг аргумент веќе не беше потребен опозицијата да застане на изјавата дека пратениците ќе учествуваат во работата на Парламентот дури по разрешувањето на тогашниот претседател на Собранието. Со тоа што СДСМ не постапи така, фактички го прифати принципот на неодговорност и неказнивост на функционерите од власта. Втора грешка беше што СДСМ тогаш како свое прво барање за да се вратат пратениците во Собранието – го постави распишувањето на предвремени парламентарни избори. Дополнителна грешка беше што тоа барање го услови со свое неучество на редовните локални избори, а потоа отстапи од тој став. За странските пријатели кои сакаа да ни помогнат, беше јасно дека во тие услови опозицијата нема ни јасно согледување на состојбите, ниту јасен план за непосредната иднина. Договорот од Пржино можеше да биде нешто појасен, но и таков каков што е можеше подобро да се искористи. Главна теза на Пржинскиот договор е ставот дека треба да се прекине мандатот на постојните пратеници со предвремени избори, бидејќи е очигледен фактот дека тие избори не беа кредибилни, а тековниот пратенички мандат е нелегитимен. Таквото значење на нужноста од предвремени избори беше потврдена и со ставот дека земјата треба да мине низ транзициски период, што значи целосна промена на начинот на владеење. Таквата суштина на Пржинскиот договор Груевски ја прифати и го потпиша Договорот. Но, во текот на преговорите за тоа како да се спроведе договорот, СДСМ немаше јасен план. Тоа особено се виде кога наместо СДСМ да предложи акциска програма за спроведување на наодите од Извештајот на Прибе, прифати четирите партии да водат разговори по тоа прашање врз основа на програма што ја подготвила Владата. Тие неколку грешки го доведоа СДСМ во тешка положба бидејќи процесот не одеше, а договорените избори, по предлог на СДСМ закажани за 24-ти април, можеа многу да ја продлабочат кризата. Се задржувам само на најважните прашања, а за посочените грешки воопшто не носат вина странските претставници. Тие можеби згрешија што заедно со предлогот за основање на СЈО не предложија и создавање некој вид на специјално судско одделение кој ќе суди по обвиненијата на СЈО, а тогаш таквиот предлог никој не го барал од странците.
DW: Се покажа дека заминувањето на Груевски од премиерската функција не е доволно за деконтаминирање на системот од метастазите на партизација и узурпација на институциите. Како да се спроведат суштински промени во мандат на истата политичка влада, која без оглед што остана без некои клучни министри, се уште држи темпо со старите практики и со симулирање реформи исклучиво на хартија?
Андов: Ако опозицијата се држеше директно до оценката дека е потребен транзициски период за отстранување на последиците од владеењето врз основа на некредибилни избори, тогаш не смееше да се прифати решение со кое Груевски заминува од функцијата, не затоа што на неа дошол на некредибилни избори и што владеел неодговорно, туку се измисли дека правиме нов систем на владеење што ќе важи од распишувањето до одржувањето на парламентарните избори, не само за овие туку и за сите други. Со прифаќањето на таа теза, опозицијата прифати заминувањето на Груевски од функцијата премиер да не биде казна, туку спогодба за некое ново системско решение. Затоа тој неначнат по заминувањето од премиерската функција, суштински ја вршеше таа функција, а изгледа ја врши и сега. Само се залажуваме дека е можно да дојде до суштински промени во земјата, ако не се покаже дека во практиката се враќа принципот на правда, пред се со напуштање на принципот на неказнивост на луѓето од власта. За таа цел треба да се обезбеди со активност од сите домашни политички фактори и со помош од меѓународната заедница СЈО непречено да си ја врши својата должност, а истовремено да се најде форма за специјален суд во рамките на постоечкиот систем, кој ќе одлучува по предметите на СЈО. Откако ќе почне да функционира таквиот спој, може да се очекува промена на политичката состојба во земјата. Откако ќе профункционира таквото правосудно решение, како што предлагаше ЛП во октомври 2014 година, треба да се формира концентрациона влада во која ќе бидат избрани личности кои ќе бидат прифатени од четирите партии, но во таа влада да не учествува ниту еден од раководните структури на спомнатите партии, за да не се пренесе во владата сегашната приземна атмосфера на меѓупартиски судири.

Целото интервју можете да го прочитате тука

Слични содржини