По однос на реакцијата на Орце Камчев за несоодветните услови и третман во затворот во „Шутка“, денес народниот правобранител го посети во затворот.
Во меѓувреме, директорот на затворот во Шутка, Филип Андов, тврди дека Камчев во келијата ги има сите услови и не е точно неговото тврдење дека врз него се врши тортура.
„Најодговорно ви тврдам дека и ова притворено лице има идентичен третман како и сите останати и нема ниту тортура, ниту нечовечки и понижувачки третман при неговиот престој овде. Кога беше донесен во притвор, Камчев беше 10 дена во изолација, како што налагаат протоколите за заштита од ковид-19. Тој има вода за пиење и во ниту еден момент не му е загрозено неговото здравје. Не би сакал да ги коментирам наводите на омбудсманот, ниту пак Извештајот, туку го зборувам она што е во мојот домен на работата и се однесува за третманот тука. Камчев ги има сите права како притворено лице и условите кои му следуваат“, посочи за медиумите директорот Андов.
Инаку попладнево, Народниот правобранител, Насер Зибери во изјава за „Локално“ потврди дека извршена е посета на Јордан Камчев во притвор за да се утврди состојбата во какви услови е чуван обвинетиот бизнисмен.
-Да, извршена е посета, изготвен е извештај кој е доставен до неговиот бранител, дадени се препораки и санирана е состојбата, изјави Зибери.
За потсетување, бизнисменот беше приведен на 14 март откако по сознание на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) беше објавено дека тој се спремал за бегство. Камчев е осомничен и во истрагата „Империја“ која ја отвори поранешното СЈО.