Андов за лустрацијата: Од секој закон може да се направи чудовиште!

од desk3
114 прегледи

 

Јавноста одамна не се изненадува од решенијата на Комисијата, особено откако таа почна да лустрира и починати луѓе, меѓу кои се најде и македонската книжевна икона Славко Јаневски-aнализира DW

0,,630827_4,00

Се каете ли што пред седум години предложивте закон за лустрација, ако се земе предвид што требаше да биде негова цел, а во што се претвори до денес – го прашавме Стојан Андов, претседател на првото повеќепартиско Собрание, кој во донесувањето на тој закон гледаше голема демократска вредност. И не само тој.

„Од секој закон може да се направи чудовиште. Јас не се каам што своевремено предложив закон за лустрација, бидејќи тој требаше да има една цел: да им забрани да вршат јавни функции на лица кои соработувале со тајните служби. Тој закон требаше да се однесува на тогашните функционери и на оние кои ќе се кандидираа на следните избори и ќе беа именувани по тие избори. Законот требаше да има важност од пет години – од 2008 до 2013 година. Но, јас не знаев дека некој имал други цели со законот. Прво, го саботираа мојот предлог иако зад него стоеја потписите на 93 пратеници. Потоа не можеа да најдат средства за функционирање на Комисијата. Потоа преминаа кон измени на основната идеја, и за жал, денес го имаме ова што го имаме“, вели Андов.

Чекаат одлука од Стразбур

Поранешниот државен јавен обвинител Стеван Павлевски се смета за една од жртвите на искривоколчениот процес на лустрација во Македонија. Тој и поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, решенијата на Комисијата за верификација на фактите ги обжалиле пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и деновиве чекаат одговор.

„Пред судот во Стразбур ги приложивме сите наши аргументи. Владата даде одговор на тоа и сега чекаме исход. Лично очекувам позитивна одлука, бидејќи решението на Комисијата за лустрација изобилува со многу субјективни, неиспитани и додадени работи“, вели Павлевски, кој веќе добил една правна битка.

Тој претходно повел постапка пред вишиот управен суд, кој предметот и‘ го вратил на Комисијата за лустрација со образложение дека „одлуката е незаконска“.

„Во Комисијата царува елементарно незнаење. Таа и буквално лаже во решенијата што ги носи. Мене, на пример, ме третира како основен јавен обвинител во 80-тите години, а не сум бил. Второ, образложувајќи ги нештата, не кажуваат дека кога постапува јавен обвинител, постапува заедно со истражен судија. Во мојот случај не се спомнуваат судии, односно дали тие одлучувале по обвинителен акт, кој наводно е поднесен од мене. Не кажуваат на пример, дали одлучувал и Тоде Ѓеоргиевски, тогашен судија на Врховниот суд, инаку дедо на директорот на УБК, Сашо Мијалков и на Јован Илиевски, јавниот обвинител во Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, реагира Павлевски.

Повеќе ТУКА