Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски оствари работна средба со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на која се зборуваше за досегашната соработка која ја остваруваат двете институции и за можностите за нејзино продлабочување.
Ангелоски истакна дека во последните години Управата за јавни приходи се изгради во професионална институција која вложува максимални напори за задоволување на современите потреби на бизнисите, нагласувајќи ја својата превентивна улога, пред репресивната.
„Во наредниот период сметаме дека треба да се поработи на унапредување на секојдневната непосредната комуникација која ја имаат претставниците на бизнис заедницата со Управата, преку заедничко дефинирање на протоколи, како и состаноци со редовна динамика на која ќе може да се добијат повеќе информации и да се објаснат дилемите кои постојат околу актуелни теми“, истакна Ангелоски.
Подобро регулирање на онлајн продажбата, сузбивање на нелојалната конкуренција, намалување на парафискалните давачки како и развивање на механизми за да се спречи нивно ново генерирање беа дел од темите на разговор.
„Добрата соработка со бизнис заедницата е од голем интерес за Управата за јавни приходи, поради што и ја инициравме оваа средба за запознавање со новиот претседател на Сојузот. Отворени сме за комуникација и подготвени да ги разгледаме сите иницијативи за креирање на подобро бизнис окружување кои доаѓаат од бизнис секторот“, истакна Лукаревска.
Сојузот на стопански комори и Управата за јавни приходи во 2018 година потпишаа Меморандумот за соработка, согласно кој двете институции ги обезбедуваат сите облици на соработка.