Ангелоски од ССКМ: Секој денар вложен во капитални инвестиции, ќе се врати повеќекратно на сите останати сектори во нашата земја

Доколку немате исполнување на капиталните инвестиции, се поставува елементарно прашање: што таа Влада сторила во нејзиниот мандат - порачува претседателот на ССКМ, Ангелоски во разговор за „Локално“

од Nikola Popovski
95 прегледи

Собранието вчера попладнето со 65 гласа „за“ и 14 гласа „против“ го донесе Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година. Од Владата велат дека претставува одраз на одговорно и флексибилно управување со јавните финансии во услови на динамични економски предизвици. Во текот на расправата, која траеше само еден ден, власта и опозицијата со спротиставени мислења за овој стратешки економски документ.

Ставот на владејачкото мнозинство е дека Дополнетиот ребаланс на Буџетот ќе обезбеди економски раст и дека се работи за буџет во кој има повеќе средства за пензионерите, за младите и за реализација на големи капитални проекти во општините. Истакнаа дека се реализирани сите крупни ветувања и посочија дека се зголемени пензиите, платите во образованието, здравството, полицијата и администрацијата, дека има најдобар реализиран откуп на земјоделски производи и завршени инфраструктурни проекти. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека економската проекција за раст останува на 3,7%, што се темели на досегашните остварувања и се очекува да биде поддржана од инвестициите, кои се главен двигател на економијата.

За опозицијата, Дополнетиот ребаланс на Буџетот е буџет кој се фокусира на краткорочни мерки, во кој не се испочитувани основните фискални правила и кој е скроен за поткуп на изборите во октомври. Оттаму велат буџетскиот дефицит останува на 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП и дека тоа е над законски дозволената граница од 3 проценти или максимум 3,5 проценти во исклучителни услови како што се некоја катастрофа или глобален шок.

Во обид да дознаеме каде „каскаме“ во распределбата на буџетските средства, поразговаравме со Трајан Ангелоски – претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија. Вели дека како Сојуз секогаш апелираат кон зголемување на средствата за инвестиции и сметаат дека секој денар вложен во капитални инвестиции, ќе се врати повеќекратно на сите останати сектори во нашата земја.

-Социјалните трансфери секогаш да бидат во едно контролирано ниво, се со цел да добиеме една напредна и модерна економија која ќе се развива со позабрзано темпо, истакнува Ангелоски во разговор за „Локално“.

Со прекроениот буџет, платите и пензиите треба да станат повисоки. Просечната пензија според пресметките ќе порасне за 2.130 денари и ќе ги опфати сите 330.000 пензионери во земјата. Јулската плата треба да биде повисока и за вработените во министерството за внатрешни работи, здравството, образованието, општинските служби во износ од 3.200 до 6.800 денари. Запрашан дали имаме капацитет за повисоки пензии и плати, соговорникот вели дек секогаш нивото на плати и пензии треба да го прати животниот стандард, претпоставува дека и оваа мерка е во тој правец. Според Ангелоски, секогаш државата се грижи за неколку аспекти и тоа е еден дел од нејзините обврски и претпоставува дека се оди кон тој правец.

Рокот на американскиот претседател Доналд Трамп за царините истече, дел од земјите потпишаа договори, за Македонија се уште нема „абер“. Македонија е најмногу зависна од Европската Унија во тој поглед. За претседателот на ССКМ, одредени гранки ќе бидат погодени во секој случај, но, како што вели, за среќа со САД немаме такво ниво на соработка во моментов, така да не се очекуваат некои потешки последици од воведување на овие царини.

-Меѓутоа американскиот пазар е еден од најголемите пазари во светот и затоа сметаме дека треба да се поблиску до пазарот и да се негуваат добри врски и односи со ваквите развиени пазари. Тоа ќе остане една обврска на надлежните институции за надворешна трговија да ги градат овие релации во следниот временски период, наведува Ангелоски.

Околу тоа дали државата треба да интервенира врз инфлацијата по поскапувањата на цените, Ангелоски вели дека треба да се направи подлабока анализа од каде доаѓаат овие поскапувања на цените и да се таргетираат во тие сектори каде што се смета дека вршат притисок врз инфлациските движења.

-Деновиве гледаме една кампања за купување на домашни земјоделски производи која е исклучително позитивна. Сметаме дека таквите кампањи секогаш ќе им помогнат на домашните произведувачи и ќе ги развијат ланците за производство од локални добавувачи кон ублажување на растот на цените, вели тој.

За евентуален висок процент на искористеност или можеби целосен на капиталните инвестиции, соговорникот нагласува дека тоа секогаш зависи од надворешните министерства.

-Сега гледаме дека има одредени сектори во владиниот кабинет кои навистина се посветени кон капиталните инвестиции. Тоа треба секогаш да биде прв приоритет на секоја Влада – доколку немате исполнување на капиталните инвестиции, се поставува елементарно прашање: што таа Влада сторила во нејзиниот мандат? Доколку само распоредувала социјални трансфери, тие по дефиниција на нештата, мора и треба да бидат распределени, но капиталните инвестиции се нешто кое дефинитивно ја определува активноста на таа Влада и тој кабинет. Капиталните инвестиции немаат алтернатива, додава Ангелоски.

Во однос на унгарскиот кредит – во однос на општините и компаниите, претседателот на ССКМ вели дека се помина позитивно. Општините, како што посочува, треба да инвестираат во тие проекти кои ги зацртале. Секогаш Владата, потенцира Ангелоски, треба да им помага на одреден стимулативен начин и сметам дека секое инвестирање во трајни средства ќе им донесе добро.

-Земјоделството од година во година се наоѓа во незавидна состојба, меѓутоа сметаме дека оваа иницијатива е исклучително позитивна. Вакви иницијативи постојат во повеќе европски земји и секоја земја се труди да им обезбеди на своите земјоделци полесен пристап, да бидат попрепознатливи и секогаш да бидат барем за еден чекор поуспешни во однос на конкуренцијата. Ова е една од основните работи кои секое министерство во рамките на своите овластувања да реализира вакви иницијативи и да им помага на работењето на тие економски оператори (земјоделците) да ги развијат нивните канали за снабдување и да бидат присутни што е можно повеќе во малопродажните објекти односно домашното секогаш да го има заслужениот простор на полиците, објаснува претседателот на ССКМ запрашан околу платформата „makedonskonajdobro.mk“ е создадена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посветена на развој на системи што ќе овозможат поголема видливост, поврзаност и присуство на домашните производители.

Со оглед дека е изборна година, а растот и економијата секогаш се на удар кога во земјата има избори, во однос на тоа дали очекува менување на проекциите за раст на БДП до крајот на оваа и почетокот на следната година, Ангелоски предупредува дека досега имало влијание, меѓутоа како одминува времето, очекува економијата да станува се понезависна за разлика од политичките случувања и на тој начин, не би рекол дека очекувам дека претерано влијание од политички аспект на растот на БДП.

-Мислам дека ќе биде движен од капитални инвестиции, од инвестиции во приватниот сектор, од глобалните случувања во Европа и светот. Не сметам дека локалните политички случувања ќе имаат круцијална улога во растот на БДП, заклучува Ангелоски.

Н.П.

Слични содржини