Ангелоски: Се наоѓаме во економско цунами, бизнисот очекува сериозна поддршка

од Vladimir Zorba
239 прегледи

Претпријатијата се наоѓаат во исклучително тешка состојба предизвикана од растот на цените на енергенсите, а за да се избегнат сериозни и долгорочни последици неопходна е соодветно димензионирана и таргетирана државна поддршка, истакна претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски во интервју за Блумберг Адриа.

„Со енормниот раст на цените на енергенсите деловната активности на многу претпријатија стануваат неодржливи. Поради тоа значајна бројка на претпријатија го стопираат производството, а некои се трудат да го адаптираат во ноќен режим или со некои други модификации кои ќе овозможат помала потрошувачка на енергија. Факт е дека Македонија не е директно погодена од цената на гасот бидејќи нема голема дистрибутивна мрежа, но порастот на цената на гасот на берзите веднаш повлекува и пораст на цената на електричната енергија, тоа делува многу негативно“ истакна Ангелоски.

Тој се осврна и кон тоа дека цените на одредени суровини одат кон стабилизација, но сепак цената на најглавната суровина, енергенсите, не само што не е стабилизирана туку руши рекорди.

„Цената на гасот достигна 2.000 долари и никој не може да предвид до каде ќе оди овој раст, а енергенсите се основа на сите калкулации. Економската криза во која се наоѓаме е на ниво на елементарна непогода, односно енергетско цунами, без сериозна државна поддршка економијата ќе претрпи големи последици. Очекуваме од надлежните институции да ја оправдаат својата улога и да донесат храбри чекори за да им помогнат на компаниите во овој клучен момент“, потенцираше Ангелоски.

На новинарско прашање како ги коментира мерките кои ги најавија владини претставници по средба со една од стопанските комори тој одговори:

„Барањата кои се испорачаа сметаме дека не се суштински, повеќе се модификации на одредени состојби кои ги имало во минатото, кои се незначителни и по количина и по обем. Сојузот на стопански комори бара похрабри реформи во инвестирањето во обновливи извори на енергија како и да им се помогне на претпријатијата во достапност на струја од државните електрани“, истакна Ангелоски.

Во интервјуто тој се осврна и кон прогнозите според кои македонската економија во последниот квартал од оваа година веројатно ќе влезе во рецесија, како и кон тоа дека почетокот на преговорите за членство во Европската Унија може да биде позитивен сигнал за странски инвеститори.

„Очекуваме почетокот на преговорите со Европската Унија да влијае позитивно во однос на привлекувањето на странски инвестиции. На кое ново ќе го биде тоа, ќе видиме во следниот временски период, бидејќи европските држави се соочуваат со голем број на проблеми поврзани со енергетската криза“, истакна Ангелоски.

Слични содржини