Ангелоски: Цената на електричната енергија мора да се ограничи на одреден начин

од Vladimir Zorba
230 прегледи

Енергетската криза сериозно го погодува стопанството, a ценовниот притисок што го предизвикуваат рекордните вредности на електричната струја на берзите преставува закана за опстојувањето на најголем дел од деловните субјекти, истакна претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски на денешната прескоференција, потенцирајќи дека веднаш се потребни конкретни мерки за поддршка на претпријатијата, како и план за зголемување на енергетската независност и ефикасност.

„Во глобални рамки енергетскиот отворен пазар е надвор од контрола. Не постои производ или услуга која може да поднесе цена на струја од 600 или 700 евра за мегават час, односно не постои компанија која можe да го покрие овој трошок без многу сериозни последици. Исто така домашните производи со овие цени на електричната енергија се целосно неконкурентни на надворешните пазари, бидејќи во соседните земји струјата се продава по цени кои се движат помеѓу 50 и 85 евра за мегават час. Слободниот енергетски пазар не треба да значи и пазар без никаква контрола“, истакна Ангелоски.

Сојузот во соработка со експерти изготви пакет на мерки кои се неопходни за да може да се зачува ликвидноста на претпријатијата и нивната деловна активности.

„Цената на електричната енергија мора да се ограничи на одреден начин, односно до одредено ниво да ја плаќаат компаниите, a над тоа ниво да ја плаќа владата преку фондовите наменети за енергетска кризна состојба. Ваков тип на субвенции постојат во повеќе европски држави. Во ваква кризна состојба треба да се овозможи приклучокот на фотоволтаичните електрани да може да се направи само со енергетска согласност доколку постојат технички услови, а во дополнителен рок од 120 дена да се обезбедат сите останати дополнителни документи. Нелогично е да се бараат 24 документи само во Регулаторна комисија и да се плаќаат 500 евра непотребни давачка на секое барање“, изјави Ангелоски.

Се истакнува и барање за укинување на ДДВ за фотоволтаици и опрема за монтажа на фотоволтаици, како и за инвертер клими и агрегати со кои може да се намали количината на енергија која се ангажира за загреење на објектите. Со цел да се дестимулира употреба потребно е да се воведе дополнителен данок за користење на енергетски неефикасни уреди за загревање, а во Скопје и во другите градови каде има можност треба да се обезбеди бесплатно приклучување на систем на централно греење (парно).

„Очекуваме ЕЛЕМ да обезбеди дополнителни кочини на електрична енергија од домашно производство за слободниот пазар и на тој начин да се намали цената на струјата. Во таа насока неопходно е да престане дискриминацијата на потрошувачите, односно потребно е да се обезбеди и физички лица и правни лица да имаат исто право да користат домашна поевтина енергија“, потенцираше Ангелоски.

Претседателот на Сојузот, презентираше и мерки за зголемување на енергетската ефикасност, меѓу кои се оданочување со повисок данок на стариот тип светилки со вжарено влакно, кои во продавниците треба да се одвојат на посебен рафт и да се обележат како енергетски неефикасни. Потребно е да се реконструираат сите енергетски неефикасни државни објекти со замена на прозорци, фасади и кровови. Се предлага во Законот на градење да се изврши измена со која при градбата на нови објекти задолжително ќе постои обврска за монтирање на енергетски ефикасни решенија и фотоволтаици на крововите. Потребно е и да се класифицираат новите градби според степенот на енергетската ефикасност и еден дел од комуналните давачки да се одредува според енергетска класа на објектот.

„Ситуацијата во која се наоѓаме во овој момент се должи и на тоа што со години наназад не му се дозволуваше на приватниот сектор да инвестира во енергетиката. Сега е време овој пропуст да се исправи и да се плати неговата цена. По стабилизирање на состојбите приватниот сектор каде се создава додадената вредност во економијата ќе врати за поддршката која ќе ја добие“, порача Ангелоски.

Слични содржини