Ангелова: Со Буџетот за 2025 година предвидени повисоки плати за наставниците и инвестиции во капиталните проекти во образованието

од Илинка Илиоска
181 прегледи

Буџетот за 2025 година е одраз на визијата за подобра иднина и перспектива за генерациите што доаѓаат, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова. Таа истакна дека образованието е поставено како приоритет, со значително зголемување на средствата насочени кон оваа област.

„Буџетот за образование е зголемен за 3 милијарди денари. Ова е доказ дека вложувањето во нашите деца, нивниот раст и развој, е врвен приоритет. Образованието не е трошок. Тоа е најдобрата инвестиција во иднината на нашата држава,“ нагласи Ангелова.

Според неа, еден од најзначајните аспекти на новиот буџет е зголемувањето на платите за наставниците од основното, средното и високото образование.

„Сите наставници во 2025 година ќе земаат повисоки плати. Ова е заслужена награда за нивната посветеност и неуморна работа во образовниот процес. Веруваме дека ова ќе биде мотив за уште поголема посветеност и квалитет во наставата,“ истакна пратеничката.

Таа рече дека буџетот за капитални инвестиции во образованието е зголемен за 115 милиони денари во споредба со 2024 година, а средствата ќе се насочат кон изградба и обнова на училишта, модернизација на инфраструктурата и обезбедување подобри услови за учениците и наставниците.

„За првпат воведуваме потпрограма за капитални проекти во општините, со вкупна вредност од 133 милиони денари. Ова значи изградба на нови училишта, сали, лаборатории и други објекти кои директно ќе ги подобрат условите во кои учат и се развиваат нашите деца,“ додаде Ангелова.

Според Ангелова, новите мерки се дел од напорите за создавање современ образовен систем што ќе ги инспирира младите генерации и ќе им овозможи целосен развој на нивните потенцијали.

„Зголемувањето на буџетот за образование, повисоките плати за наставниците и инвестициите во капиталните проекти не се само бројки. Тие се израз на нашата решителност да го направиме образованието двигател на промените и клучен фактор за развојот на Македонија,“ заклучи пратеничката.

 

Слични содржини