ИНИЦИЈАТИВИТЕ како „Отворен Балкан“, кои можат да ги намалат пречките за слободниот проток на луѓе, стоки, услуги и капитал, имаат потенцијал да ги подобрат изгледите за економски раст во регионот. Ова е особено значајно за нашите мали и отворени економии, со релативно ниско ниво на реална конвергенција со ЕУ. Претходните успешни примери на транзицијата сугерираат дека за побрзо приближување на економиите, особено на малите, од големо значење е да се намалат бариерите и да се зголеми трговската интеграција.
Ова го вели гувернерката на Народната банка на С. Македонија, Анита Ангеловска Бежоска во интервју за „Новости“, додавајќи дека особено е важно кога регионалната соработка може да помогне во вакви кризи.
– „Отворен Балкан“ веќе покажува позитивни сигнали, со оглед на воспоставениот интегриран систем на прекугранични премини, како и зелениот коридор за трговија со прехранбени производи. Во оваа смисла, податоците укажуваат на пораст на трговската размена меѓу трите економии. На пример, трговската размена меѓу македонската и српската економија годинава се зголеми за 20 отсто. Ефект можат да дадат и напорите за поврзување на пазарот на труд, во услови кога сите три земји се соочуваат со намалување на работоспособното население. Зголемената интеграција може да ги направи економиите поконкурентни и поатрактивни за странски директни инвестиции, вели таа.
На прашањето дали монетарниот систем на Северна Македонија е подготвен наскоро да се префрлат на еврото, Ангеловска Бежоска истакна дека земјата видно континуирано работи на тоа, кога ќе дојде моментот, за побрзо да помине низ процесот на монетарната интеграција.
– Првиот услов е полноправно членство во ЕУ. Вториот услов е исполнување на критериумите од Мастрихт и двете земји (Србија и С.Македонија) покажаа добри перформанси на овој план, што покажува висок степен на подготвеност. На крајот на краиштата, Извештаите на ЕК укажуваат на ваквите наоди, истакна таа.