Мерките коишто ги преземаше Народната банка во изминатиот период вродија со плод. Годинава инфлацијата и натаму забавува и од 19,8% во октомври минатата година, во ноември годинава изнесува 3,1%. Девизните резерви растат и во ноември достигнаа ниво од 3,9 милијарди евра, како силна потпора за одржување на стабилноста на курсот на денарот. Стабилноста на банкарскиот сектор беше задржана, пред сѐ благодарение на регулаторните барања и мерките преземени од страна на Народната банка во изминатите години за јакнење на капиталот и ликвидноста, се вели во новогодишната белешка на гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Според неа, очекувањата за инфлацијата за догодина се поповолни. Доколку нема поголеми надворешни и домашни шокови, посочува гувернерката, инфлацијата ќе се намалува и следната година и на среден рок би се вратила на оној историски просек за нашата економија од околу 2%.
-Ова соодветствува и со очекувањата на Европската централна банка за движењата во еврозоната и ЕУ, како наши најголеми трговски партнери. На подолг рок, треба да се спроведат реформи коишто ќе ја зајакнат отпорноста на економијата на идни потенцијални шокови. Тоа може да се спроведе преку структурните политики со кои ќе се намали ранливоста на економијата, потенцира Ангеловска-Бежоска.
Во контекст на реформите коишто ќе ја зголемат отпорноста на нашата економија, не може да се изостават политиките за зелена транзиција. Според гувернерката, таа не е само еколошки императив, туку и стратешки економски потег, којшто ќе ја поддржи еволуцијата на индустриите, отворањето работни места и меѓународната соработка за поодржлива и поотпорна глобална економија.
-Централните банки, вклучително и нашата, ја поддржуваат зелената транзиција пред сѐ преку поттикнување на зеленото финансирање. Зелената транзиција е нужен групен напор, за кој е потребна групна свест, стои меѓу другото во белешката на гувернерката.