Проф. д-р Кочо Анѓушев и претседател на Македонската енергетска асоцијација денеска ги презентираше барањата на асоцијацијата пред министерот за економија, Кресник Бектеши и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски кои што треба да помогнат во справувањето со високите цени на електричната енергија и начините на обезбедување на доволно количини на енергија за домаќинствата и индустријата особено во текот на претстојната зима.
Според Анѓушев, клучно во подготовките за претстојната зима ќе биде да се зголеми домашното производство на електрична енергија пред сè преку повторно вклучување на ТЕЦ Неготино и работа на гасната електрана ТЕ-ТО, кој што е приватен енергетски капацитет со голема инсталирана моќност.
„Зборуваме за можност вклучување на ТЕЦ Неготино и обезбедување на мазут во овие услови. Имајќи ги предвид цените од 500 евра за мега ват час и виз-а-ви актуелната цента на мазутот, се воспоставува дека е економично враќањето на ТЕЦ Неготино и неговото враќање во рамки на Електростопанство практично би придонело да може тоа да работи во текот на зимата, а мазутот да се пушти на слободен пазар односно да видиме дали неговата регулирана цена би била пречка за таквото работење. И да се направат напори да се обезбеди увоз на мазут навреме за да може ТЕЦ Неготино да работи во текот на зимата. Важно е да се направат и разговори со ТЕ-ТО , кој е важен капацитет во македонскиот електроенергетски систем, но и во топлификацискиот систем на државата. Значи мора да се направат напори ТЕ-ТО да работи во текот на зимата и како извор на електрична енергија и како извоз за стабилност на електроенергетскиот систем, но многу поважно за обезбедување на поевтина топлина за Градот Скопје кој што е како значаен. И тука тие разговори треба да се почнат уште отсега“, вели Анѓушев кој што додаде дека во државата има енергетски капацитети со инсталирана моќност од околу 40 MW, како фотоволтаици или мали хидроцентрали кои што не се вклучени на електроенергетската мрежа.