Секој четврти Американец стравува дека по претседателските избори може да дојде до граѓанска војна, покажува најновото истражување на јавното мислење. Остануваат уште 13 дена до изборите во Америка, кои ќе се одржат на 5 ноември, објави „Дејлимејл“.
Истражувањето на „YouGov“, во кое учествувале 1.266 испитаници, покажало дека дури 84 отсто од нив сметаат дека Америка денес е поподелена отколку пред десет години.
Според анкетата објавена во британскиот дневен весник „Тајмс“, вкупно 27 отсто од испитаниците кои припаѓаат на двете партии, демократите и републиканците, изразиле загриженост дека насилството е „многу или донекаде веројатно“ по гласањето.
Вкупно 12 отсто од испитаниците рекле дека познаваат некој што „може да земе пиштол“ доколку веруваат дека Доналд Трамп бил „измамен“ во претседателската трка. Пет отсто од испитаниците рекле дека познаваат некој кој би го направил истото доколку Камала Харис загуби под сомнителни околности.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека 30 отсто од жените и 24 отсто од мажите, од двете страни на политичкиот спектар, се плашат дека насилството е „веројатно“ по изборите.
Испитаниците веруваат дека шансите претседателската трка да предизвика втора граѓанска војна се „многу веројатни“ (6 отсто) или „донекаде веројатни“ (21 отсто). Анализата открила дека речиси истиот процент од поддржувачите на Камала Харис (28 отсто) и Доналд Трамп (27 отсто) веруваат дека граѓанската војна е „донекаде веројатна“.
Во истото истражување, 32 отсто од испитаниците веруваат дека граѓанската војна „не е многу веројатна“, додека 20 отсто рекле дека „воопшто не е веројатна“.