Поддршката на јавноста за Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул чие апсење ги предизвика најголемите протести во Турција во последната деценија, се зголеми дополнително – над онаа на претседателот Таип Ердоган – откако беше уапсен и затворен во март, покажуваат анкетите.
Две анкети, објавени во последниве денови, покажуваат дека затворањето на Имамоглу на 19 март, исто така, го зајакна ставот дека тој е главен противник на Ердоган на сите идни претседателски избори, дури и ако е зад решетки.
Анкетите спроведени во април од агенциите „Метропол“ и „Конда“ покажуваат дека Имамоглу удобно би го победил Ердоган во хипотетички изборен дуел меѓу нив – иако изборите не треба да се одржат пред 2028 година.
„Доколку изборите се одржат денес и Имамоглу и Ердоган одат во вториот круг на гласање, Имамоглу би победил со разлика од седум процентни поени“, вели Озер Сенџар, раководител на истражувањето на „Метропол“, кој ја проценува поддршката на градоначалникот на 46,7%, а на претседателот на 39,3%.
Анкетата на „Конда“ покажа дека поддршката за Имамоглу се искачила на над 40% во април, повеќе од претходниот месец, и тој удобно би го предводел Ердоган во хипотетички изборен дуел, според Ајдин Ердем, генерален директор на компанијата.
Ердоган се најде на првото место кога од испитаниците беше побарано да изберат од поширок список од девет потенцијални кандидати, откри Конда.
Поларизацијата се поголема
Анкетите, исто така, покажуваат дека, по апсењето на градоначалникот пред речиси два месеци, турските гласачи станаа уште пополаризирани меѓу АКП на Ердоган и Републиканската народна партија (ЦХП) на Имамоглу, најголемата опозициска партија.
„Метропол“ откри дека, по март, поддршката и за ЦХП и за АКП се зголемила за околу пет процентни поени, на 34% и 33% соодветно, главно затоа што гласачите кои претходно беа неодлучни избраа табор.
-Сепак, бројот на неопределени гласачи значително се намали во април во споредба со март, при што повеќето го поддржуваат еден од двајцата мажи, што укажува дека затворањето на градоначалникот ја засилило „растечката поларизација“ во политичките прашања, рече Ердем.
Резултатите од анкетите на Конда и Метропол не беа објавени во сите медиуми во Турција, освен од медиумите што ги нарачаа анкетите.
Некои претходни анкети покажаа дека поддршката за Имамоглу е на слично високо ниво, вклучително и пред неговата убедлива победа на минатогодишните локални избори.
Раководителот на друга агенција за анкети, Мехмет Али Кулат од МАК, рече дека идниот успех на Имамоглу и ЦХП во голема мера ќе зависи од тоа дали другите опозициски партии, особено прокурдската ДЕМ, која претходно ја поддржуваше ЦХП, ќе му ја понудат својата поддршка.
Ердоган, кој последен пат беше избран во 2023 година, не може повторно да се кандидира според законот освен ако не се распишат предвремени избори и не добие поддршка од три петтини од парламентот, што значи дека ќе му треба поддршка надвор од неговата владејачка конзервативна коалиција.