Анкета: ВМРО-ДПМНЕ со предност пред СДСМ во ИЕ1 и ИЕ5

од Nikola Popovski

Скоро двојна предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ во првата изборна единица, покажува најновата анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје која беше презентирана во синоќешната емисија „Објектив“ на МРТ 1.

Според анкетата, 20.6% се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ наспроти 10,4% за СДСМ. За политичката партија ДУИ 6.7%, ЕСП 4,3%, АА 1,4%, Левица 4,5%, Знам 2.9%, друга 1,8%, додека пак 16,8% се изјасниле дека нема да поддржат ниедна партија.

На прашањето, дали ќе излезете на гласање доколку следната недела има парламентарни избори, 40,5 отсто од испитаниците рекле дека сигурно ќе гласаат, наспроти 22,2 отсто кои рекле дека нема шанси да гласаат. Веројатно ќе гласаат 10,9 отсто од испитаниците, веројатно нема да гласаат 8,7 отсто и не знаеле или немале одговор 17,7 отсто од испитаниците.

Додека пак за претстојните претседателски избори во Македонија во ИЕ 1 својот глас за претседателскиот кандидат од СДСМ би го дале 9.7%, за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ 19.4%, за кандидатот на ДУИ 6,6%, за кандидатот на ЕСП 4,4%, за кандидатот на АА 0.7%, за кандидатот на Левица 4,3%, за кандидатот на движењето Знам 3,6%, друг 0.2%, ќе се определат откако партиите ќе ги соопштат кандидатите 8.0%, ниеден 16%, не сака да каже 12.8% не знае или немале одговор 14.3%.

На прашањето, која партија сметате дека ќе победи на парламентарните избори, 28,4 отсто се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ, 14,2 отсто за СДСМ, 6,1 отсто за ДУИ, 1,9 отсто за коалицијата „Европски сојуз за промени“, 2,5 отсто за Алијанса на Албанците, 2,7 отсто за Левица и 2 отсто за ЗНАМ.

На прашањето, за која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори, и во петтата изборна единица опозициската ВМРО-ДПМНЕ е во водство пред СДСМ, но за разлика од првата изборна единица, предноста е помала. Така, за ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле дека ќе гласаат 19,8 отсто од гласачите, за СДСМ 13,6 отсто, за ДУИ 6,1 отсто, за коалицијата „Европски сојуз за промени“ – 2,1 отсто, за Алијанса за Албанците – 2,8 отсто, за Левица се изјасниле 2,9 отсто и за ЗНАМ – 2 отсто.

Анкетата е спроведена телефонски, во првата изборна единица на 1 017 испитаници, а во петтата на 1 000 испитаници, во периодот на втората половина на јануари.

Слични содржини