АП: Новата српска влада ќе го вклучи поранешниот шеф на разузнавањето, санкциониран од САД, со блиски врски со Русија

од Илинка Илиоска

Во новата влада на Србија ќе биде вклучен и поранешениот шеф на разузнавачката служба кој негуваше блиски врски со Русија и кој беше санкциониран од САД, објави Асошиејтед прес, пишувајќи за враќањето на Александар Вулин.

„Александар Вулин ќе биде еден од неколкуте потпретседатели, изјави Милош Вучевиќ, објавувајќи го составот на неговиот иден кабинет, кој треба да се гласа во наредните денови во српскиот парламент“, пишува АП и понатаму наведува дека Србија формално бара членство во Европската унија, но ги задржа пријателските односи со Русија и одби да се приклучи на западните санкции против Москва поради војната во Украина.

„Вклучувањето на Вулин во новата влада сугерира зајакнување на врските со Русија, и покрај формално прокламираниот проевропски пат на Србија“. Понатаму наведуваат дека Движењето на слободни граѓани соопштило дека со влегувањето на Вулин во новата влада „Србија номинално повеќе не е на европскиот пат“.

Либералната партија објави дека номинацијата на Вулин ја најавува „меѓународната изолација на Србија, конфликтите во регионот, врските со Русија и воведувањето забрана за сите граѓански слободи во нашата земја“, пишува АП.

Во јули, САД воведоа санкции против Вулин, обвинувајќи го за вмешаност во илегална испорака на оружје, трговија со дрога и злоупотреба на јавна функција, се наведува понатаму во текстот.

„Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД соопшти дека Вулин ги искористил своите јавни овластувања за да му помогне на српскиот трговец со оружје под санкциите на САД да ги премести илегалните пратки на оружје преку границите на Србија. Според американските власти, Вулин е обвинет и за вмешаност во синџир за шверц на дрога. Вулин поднесе оставка од функцијата директор на српската разузнавачка агенција БИА, откако му беа воведени санкции. Претходно беше шеф на армијата и полицијата“, пишува АП и потсетува дека неодамна добил два почесни медали од Русија, едниот од руската Федерална служба за безбедност, а другиот од претседателот на Русија, Владимир Путин.

„Формирањето на новата влада следеше по тензичните парламентарни избори во декември, на кои владејачката популистичка десничарска партија на претседателот Александар Вучиќ освои најмногу места во собранието од 250 пратеници. Гласањето поттикна политички тензии поради извештаите за широко распространети нерегуларности пријавени и од локални и од меѓународни набљудувачи. Опозициската група организираше улични протести пред изборите“, се заклучува во текстот.

 

Слични содржини