Апасиев: Дипломата на Христовски има седум суштествени повреди, Устите на СДСМ се затнаа веднаш откако им доставивте 200 и повеќе лажни ТОЕФЛ сертификати

од Milan1
59 прегледи

Освен Тоефел, набавен во Бугарија,  Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски имал проблематични диплома и уверение за положени испити по економија од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, тврди лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Тој денеска на пратенички прашања во Собранието, го праша премиерот Христијан Мицкоски дали ќе испрати инспекција на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, за да се види како овие документи биле издадени, на што Мицкоски одговори дека не само таму, туку инспекции ќе бидат праќани и на други места.

Апасиев истакна дека од девет законски услови за назначување на директор на АНБ, кај Бојан Христовски спорни се пет.

Во однос на Дипломата, Апасиев посочи седум суштествени елементи кои Дипломата ги нема, а Правилникот ги бара. Тој истакна дека во Дипломата на Христовски, веројатно, само името и презимето на кандидатот се точни.

„Во оваа диплома која што ја има, веројатно само името и презимето одговараат на тоа што се бара во правилникот. Има 7 суштествени повреди кои дипломата ги нема а правилникот ги бара. Нема основач на високообразовна институција, нема решение на МОН со број и датум за акредитација, нема просечна оценка со која дипломирал, нема академски стручен степен во меѓународен промет, нема сериски број на дипломата, нема број и датум на главна книга и не гледам два печата, универзитетски и факултетски, туку само воден жиг на средина. Значи дури 7 од задолжителните елементи фалат во оваа диплома. Прашањето до вас е дали вие сте запознаени со овие наводи и дали ќе испратите просветен инспекторат да ги провери овие наводи кои ги изнесов тука“?, рече Апасиев, прашувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дали знаел за ова.

И во уверението за положени испити на Христовски, со кои стана директор на АНБ, има три неправилности, истакна Апасиев.

„Прво, уверението се повикува на членот 238 од Статутот на Универзитетот, но листајќи го статутот на Универзитетот за туризам и менаџмент, членот го нема, бидејќи има само 165 члена. Второ е она што го зборуваше министерката за образование, дека преку ноќ добиваат дипломи. Тие 240 кредити се четиригодишни студии што значи секоја година има по 60 кредити. Учебна година на запишување на студиите на уверението е 1 септември 2022 година. Датум на завршување на студиите е 14 август 2023 година. Овој лик успал да положи 4 години на Економски факултет за неполни 11 месеци. Тоа се 38 испити сосе дипломскиот труд, значи скоро 40 испити. И трето, е тоа што Универзитетот кој ги издава неговата диплома и уверение, во јануари 2023 година го менува името од Универзитет за туризам и менаџмент во Универзитет Скопје. Тоа значи дека во правниот промет престанува тоа лице и продолжува другото. Но, симптоматичното што е… Во јануари 2023 година печатот на универзитетот е со Универзитет Скопје. Во август месец истата година, само 8 месеци подоцна, печатот од ова уверение е од стариот универзитет. Како може ако престанало да постои тоа правно лице, печатот да е уште во правен промет и сообраќај“, рече Апасиев.

Апасиев се осврна и на ТОЕФЛ сертификати  при што нагласи дека од СДСМ не ја споменуваат оваа афери откако Мицкоски им доставил 200 и повеќе лажни сертификати.

-Устите на СДСМ се затнаа веднаш откако им доставивте 200 и повеќе лажни ТОЕФЛ сертификати кои и тие ги доставувале и гледаме дека аферата полека стивнува. Аргументацијата на премиерот беше, па што очекувате, нормално е на таа позиција да ставиме луѓе од доверба. Комплетно се сложувам со таа аргументација но тоа би било случај кога ние би биле апсолутна монархија. Бидејќи сме парламентарна демократија, има точно определени услови кои директорот треба да ги исполнува, рече Апасиев.

На прашањето дали ќе испрати инспекција на овој Универзитет, Мицкоски одговори потврдно, додавајќи дека инспекција ќе биде испратена и на други универзитети.

Слични содржини