Апасиев: Уставниот суд го поништи најдобриот закон, доказ за поддршка на олигархијата!

од Илинка Илиоска
96 прегледи

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, остро го критикуваше Уставниот суд по денешната одлука да го поништат Законот за солидарен данок, кој беше донесен за време на минатата власт. Според него, оваа пресуда е спротивна на темелните принципи на Уставот и претставува сериозен удар врз концептот на „социјална држава“. Законот за солидарен данок беше усвоен како одговор на рекордните профити на некои од најголемите компании кои не се однесуваа одговорно за време на Ковид кризата. Данокот беше наменет да ги определи тие компании да допринесат кон општествените и економските тешкотии предизвикани од пандемијата. Апасиев вели дека оваа одлука на Уставниот суд ја потврдува неговата теза дека судот нема правна експертиза и дека е „слуга на олигархијата“ и на најбогатите, кои се супротставуваат на напорите за воспоставување фер економски принципи.

Според него, одлуката на судот е пример за системска неспособност и наметнување на интересите на богатите, наместо да се застапуваат интересите на граѓаните и концептот на социјална правда. Апасиев истакна дека слични случаи, како што е пресудата во која се дозволени 72 работни часа неделно, само ги потврдуваат неговите критики кон судскиот систем.

Тој додаде дека Левица планира да предложи нов Закон за уставни судии, кој ќе ги утврди јасни критериуми и дефиниции за тоа што значи „истакнат правник“. Ова ќе обезбеди поголема транспарентност и одговорност на членовите на Уставниот суд, чии одлуки, според него, директно влијаат на благосостојбата на целото општество.

Одлуката на Уставниот суд значи дека државата сега е должна да ги врати 50 милиони евра на 156 компании кои претходно уплатиле средства за солидарниот данок. Оваа сума претставува директна штета за државниот буџет и поставува сериозно прашање за правото на владеење, правната сигурност и ретроактивноста на одлуките, кои се наведени како основни критики во пресудата.

Слични содржини