Апелација ја заостри казната за претходното кривично дело за Васил Јованов: Три години и десет месеци затвор

од Илинка Илиоска
1,5K прегледи

Скопска Апелација ја прифати жалбата на Обвинителството и ја преиначи казната за Васил Јованов за поседување и продажба на марихуана и кокаин. Наместо претходно изречената воспитна мерка од Кривичниот суд, Апелациониот суд донесе правосилна пресуда со која Јованов е осуден на три години и десет месеци затвор.

Одлуката на судот била донесена пред два дена, но беше објавена денеска, само неколку часа откако родителите на Јованов за првпат се појавија во јавност со адвокатот на нивниот син.

Семејството Јованов: „Бремето ќе го носиме цел живот“

Родителите на Васил Јованов во емотивно обраќање изразија сочувство до семејството на Фросина Кулакова, која загина во сообраќајната несреќа на 29 јануари.

„Најдлабоко, најискрено, мајчинско сочувство, особено до мајката на Фросина. Само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка. Таа вечер се затворија и се зацрнија два дома. Бремето од оваа ситуација ќе остане да тежи до крајот на нашите животи.“ – изјави Ана Јованова, мајката на Васил.

Родителите тврдат дека никогаш не му го дале возилото на синот, туку дека тој два пати го украл. Првиот пат завршил со полесна сообраќајна несреќа, а вториот завршил трагично на булеварот „Партизански одреди“.

Таткото на Јованов демантираше дека влијаел врз судски постапки, како и дека неговото семејство има моќни врски.

„Од аспект на родител, не направив ама баш ништо за Васил да поминува низ системот неказнет. Тоа најодговорно го тврдам пред Бога и пред Вас. Иако имаше потешкотии да се откаже од пушење трева, навистина се смени. Посетуваше психолог, имаше духовен водач во „Св. Јован Бигорски“. Верувам во казнивост и одговорност.“ – изјави Зоран Јованов, татко на Васил.

Адвокатот Дукоски: „Не бараме помилување, туку праведен судски процес“

Адвокатот Сашко Дукоски порача дека јавноста не смее да се води од емоции и повици за линч, туку институциите треба да ја завршат својата работа.

„Да се разгледуваат фактите, а не да се бара крв, да се повикува на ‘око за око, заб за заб’. Оваа прес-конференција не е обид за намалување на тоа што се случи, туку повик за правен процес, а не правда на улица.“ – изјави Дукоски.

Според него, неточни се тврдењата дека Јованов ќе биде прогласен за непресметлив за да му се олесни казната.

Семејството на Фросина: „Не сте преземале никаква одговорност“

По прес-конференцијата на семејството Јованов, сестрата на Фросина, Росица Кулакова, реагираше на социјалните мрежи.

„Не сте преземале никаква одговорност како родители, па уште и се нудите да ни помогнете!“ – напиша Кулакова, обвинувајќи ги родителите на Јованов за обид да го негираат јавниот револт.

Таа исто така повика медиумите да не објавуваат потенцијални снимки од трагичната ноќ, за кои постои сомневање дека адвокатот Дукоски ќе ги презентира.

Протестен марш во Неготино: „Стоп за сообраќајното насилство“

Утре во родниот град на Фросина Кулакова, Неготино, ќе се одржи протестен марш под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“. Организаторите велат дека протестот не е само за Фросина, туку за сите жртви на сообраќајни несреќи и за неефикасноста на институциите.

Слични содржини