АПИС со демант до АА: Ако во цела ЕУ има легални игри на среќа, зошто С. Македонија која тежнее да стане членка, би била исклучок?

од Nikola Popovski
247 прегледи

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС не е политичка партија и нема да падне во замката која ја сервира дневно – политичкиот ринг. Сепак, земајќи предвид дека пресметката на Алијансата на Албанците според која приредувачите на игри на среќа во Северна Македонија наводно остварувале профит од 1 милијарда евра годишно е последица на целосно непознавање на економскиот сектор, а можеби и на свесно смислена манипулација, должни сме истата да ја демантираме и да ја запознаеме јавноста со фактите, стои во демантот на АПИС до партијата АА.

Од АПИС објаснуваат како државниот Буџет годишно се полни со 280 милиони евра од игрите на среќа.

• Приредувачите на игри на среќа имаат законска обврска за плаќање посебна давачка во вкупен износ од 23%, од кои 1,5% одат за потребите на јавното здравство и 1,5% за потребите на Агенцијата за млади и спорт, а останатите 20% директно се слеваат во централниот Буџет.

• Казината и автомат клубовите дополнително плаќаат годишно и за секоја лиценца која на приредувачите на игри на среќа во строго дефинирана процедура им ја издава Министерството за финансии, а конечно ја одобрува Владата.

• Приредувачите на игри на среќа како правни лица плаќаат и годишен данок на добивка по стапка од 10%. Плус за секоја поединечно остварена добивка од играње приредувачите имаат обврска да платат 15% данок на истата.

• Приредувачите на игри на среќа плаќаат плати за вработените и придонеси од работен однос (со двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење, бидејќи работното време е 24/7), за 10 илјади вработени.

• Државниот буџет се полни од приредувачите на игри на среќа и преку оданочување на закупнини на деловни простории, ДДВ преку купување опрема, мебел, надоместоци за струја и давање угостителски услуги, со кои се подржуваат меѓу 54 до 100 илјади други работни места надвор од секторот игри на среќа.

• Конечно, приредувачите на игри на среќа плаќаат огромни суми на ДДВ, но се исклучени од правото да бараат поврат на истото, наведуваат од АПИС.

Според нив, кога ќе се сумираат приходи и расходи, за приредувачите останува 10% од кои треба да ги покријат трошоците за инвестициите и да остварат заработка што е основна цел на секој бизнис.

-Односно, 1 милијарда профит од игри на среќа во Северна Македонија е нереално да се замисли, а камоли да се реализира!

Оттука, предлозите за затворање на индустријата за игри на среќа несомнено значи дека тој што предлага треба да преземе и сериозна одговорност што 10 илјади луѓе ќе ги изгубат своите работни места, државата ќе остане без 280 милиони евра годишен приход и ќе се отворат играчници во подруми, на црно, без државна контрола, како децении наназад. Апелираме до политичката партија Алијанса на Албанците пред да најавува предлог измени на законот за игри на среќа и забавни игри добро да го проучи овој сериозен економски сектор и да се запознае со начинот на кој што е регулиран. Во меѓувреме, се уште очекуваме одговор на прашањето, ако во цела Европска Унија и западна цивилизација има организирани, легални игри на среќа, зошто Северна Македонија, која тежнее да стане членка на европското семејство, би била исклучок?, прашуваат од организаторите на игри на среќа.

Слични содржини