Apple ќе престане да ги продава iPhone SE и iPhone 14 во ЕУ?

од Vladimir Zorba
19 прегледи

Како што објави iGeneration, Apple ќе престане да ги продава сериите iPhone SE и iPhone 14 во Европската унија на крајот на годината, бидејќи стапува на сила правилото за универзалната порта за полнење USB-C.

Во моментов, најстарите модели кои сè уште се продаваат директно од Apple се третата генерација на iPhone SE, iPhone 14 и iPhone 14 Plus. Но, бидејќи го користат Lightning конекторот, овие уреди не се во согласност со новата европска регулатива која ќе стапи на сила во јануари 2025 година.

Apple можеше да направи нови верзии на овие модели со USB-C приклучок, но не го направија тоа. Наместо тоа, наводно, според информациите на порталот iGeneration, оттаму одлучиле да ја прекинат нивната продажба малку порано отколку што инаку би било планирано.

Сепак, загубата веројатно нема да биде голема. Во пролетта 2025 година, наводно доаѓа нова, четврта генерација на iPhone SE, која ќе има USB-C порта. Новиот модел се очекува да изгледа како iPhone 14, со дизајн без рамка, подобра камера и USB-C полнење. Сепак, Apple сè уште официјално го нема потврдено овој дизајн.

Според вообичаениот распоред на Apple, моделите 14 и 14 Plus ќе се продаваат во ЕУ до излегувањето на iPhone 17 следната есен. Но, поради ваквата одлука нивната продажба наводно ќе заврши околу една година порано.

Надвор од Европската унија, Apple се очекува да продолжи да го продава iPhone SE до доаѓањето на новиот модел и iPhone 14 до крајот на 2025 година. Кога тоа ќе се случи, Lightning портот на уредите на Apple ќе стане минато.

Слични содржини