Новинарот на Bloomberg, Марк Гурман, во својот Power On билтен откри дека Apple може да ги изненади своите клиенти и да претстави освежен iPhone SE во март или април. Имено, тој се осврна и на досега објавените информации, па наведува дека новиот SE сепак ќе има застарен дизајн, но ќе доаѓа со поддршка за 5G и чипот A15.
Гурман не спомна никакви други промени, но како што објавија од Yahoo Finance, не би било изненадувачки Apple да ја зголеми почетната внатрешна меморија на 128 GB или конечно да ја подобри камерата, што, искрено, не е олицетворение на квалитетот, особено за 2022 година. Се очекува и новиот SE да има подобрена батерија, пред се поради „жедната“ 5G поддршка.
Иако новиот iPhone SE на хартија не изгледа како уред кој ќе импресионира со бројките за продажба, потсетуваме дека аналитичарите J. P. Morgan веруваат дека има потенцијал да привлече огромен број постоечки корисници на Android телефони поради поддршката за 5G.
Имено, според нивните анализи, евтин iPhone со поддршка за 5G може да привлече дури 1,4 милијарди луѓе кои моментално користат Android и 300 милиони од нив кои се уште имаат постари модели на iPhone. Бројките, се разбира, изгледаат малку напумпани, но кој знае, можеби технолошкиот гигант од Купертино ќе не изненади сите оваа пролет.