Не е тајна дека серијата iPhone 13 многу му помогна на Apple во однос на бројките за продажба, а сега тоа го докажа и компанијата за истражување на пазарот Canalys, која го објави својот извештај за глобалниот пазар на паметни телефони за четвртиот квартал од 2021 година.
Според Canalys, Apple учествувал со дури 22 отсто од испораките на паметни телефони во светот во четвртиот квартал од минатата година, што ја вратило компанијата на самиот врв на пазарот. На второ место е Samsung со пазарен удел од 20 отсто, додека Xiaomi го задржа третото место со 12 отсто. Четвртото и петтото место го заземаат кинеските OPPO и Vivo со девет, односно осум проценти удел.
Аналитичарите на Canalys успехот на Apple во четвртиот квартал го припишуваат на кинескиот пазар, каде што технолошкиот гигант од Купертино понуди нови модели на iPhone 13 за малку пониска почетна цена, кои заедно со подобрената камера и 5G карактеристики, ги привлекоа локалните клиенти.
Сепак, недостигот на чипови не го заобиколи Apple ниту во изминатиот квартал, како што коментира во извештајот Canalys.
„Синџирот на снабдување на Apple почнува да се опоравува, но тие сепак беа принудени да го намалат производството во четвртиот квартал поради недостаток на клучни компоненти, што резултираше со неможност да произведат доволно iPhone-и за да се задоволи побарувачката“, објаснуваат аналитичарите.
Оттаму го истакнаа и фактот дека Apple успеал да го одржи соодветното време на испорака на пазарите со приоритет, но во некои случаи заинтересираните клиенти морале да чекаат за да ги „грабнат“ најновите iPhone смартфони.