Apple веќе не е најскапата компанија во светот

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Технолошкиот лидер Apple повеќе не е најскапата компанија во светот. Нафтениот гигант Saudi Aramco го престигна Apple во рангирањето на корпорации со најголема пазарна капитализација.

Пазарната вредност на Aramco достигна нешто помалку од 2,43 трилиони долари во средата, според FactSet. Apple, кој падна за повеќе од 5% во американската трговија во средата, сега чини 2,37 трилиони долари.

Оваа промена и генерално рангирањето на најскапите компании имаат претежно симболична вредност. Трендовите од овој вид покажуваат како се менува глобалниот пазар, што најмногу се цени. Очигледно е дека рокадата на прво место е во функција на променливите пазари, поскапувањето на горивата, инфлацијата, проблемите со синџирите на снабдување.

Цените на енергијата во сите региони во светот растат. Во исто време, инвеститорите ги продаваат своите акции во неколку од водечките индустрии досега, вклучително и технолошката – поради стравувањата од влошување на економското опкружување. Ова е дел од објаснувањето зошто Apple и другите технолошки компании ја губат пазарната вредност во последно време.

Во исто време, значајно е што акциите на Aramco пораснаа за повеќе од 27% во изминатата 2022 година. Во март, нафтениот гигант објави дека неговата добивка за изминатата година е повеќе од двојно зголемена – поради зголемувањето на цената на нафтата.

Има уште една симболика во рангирањето на најскапите компании – во 2020 година Apple го надмина Saudi Aramco и стана највредната јавно тргувана компанија во светот.

Слични содржини