Не верувам дека сум единствен кому деновиве му е преку глава од воени и геополитички анализи, меѓутоа можам да претпоставам дека сум еден од ретките. Се чини како последнава недела сите одеднаш да развија зависност од мапи од освоени територии, изјави на генерали и политичари, слики и видеа од фронтови, и во секој момент само чекаат нов фикс. Дури и без војната, медиумскиот простор претставуваше какофонија. Сега, по инвазијата на Путин во Украина, владее тотален информациски хаос, и доброволно препуштајќи му се, несвесно стануваме автори на сопствената дехуманизација.
Иако декларативно сите сме против војна, кога големите моќници ќе ја почнат, воопшто не губиме време да одбереме страна и да го инвестираме нашиот интелектуален и емотивен капацитет во тој избор. Иронијата е што колку подлабоко навлегуваме во овој бесмислен процес, толку повеќе тој интелектуален и емотивен капацитет се троши, за на крај да завршиме како примитивни ѕверови, спремни да убиеме за нашите вредности и нашите заедници, повторно несвесни дека всушност убиваме само за тие моќници.
Тоа отсекогаш било функцијата на војната. Тоа што е различно денеска е амплификацијата на тие вредности и заедници, преку пронаоѓањето на истомисленици во комплексниот медиумски екосистем и на социјалните мрежи. Обидувајќи се да изградиме став кој ќе биде консистентен со нашиот светоглед, и со тоа и на групните идентитети на кои припаѓаме, стануваме жртви на групно размислување и масовна хистерија.
Во западните земји, ова е изразено преку безрезервна поддршка за Украина и остра осуда за Русија. Народите на Европа, шокирани од воениот упад на една армија во суверена соседна држава, како и обично реагираат со симболички перформанси како хаштази и осветлување на згради во боите на украинското знаме. Овој пат, на тоа се придодава и апсурдот на кансел културата, во која револтот кон Путин еволуира во омраза кон било што поврзано со Русија, вклучувајќи и класична литература, уметност, опера и слично. Печат на лудилото е санитарниот кордон кој се формира околу било кој што јавно се спротивставил на црно-белата дефиниција на состојбата.
Ако фрагилните либерални илузии на Западот за неповредливоста на Европа се артикулираат преку едноумие, тогаш кај нас, масовната поддршка за авантурата на Путин е рамна на безумие. Така ние го „балансираме“ Западот, што во суштина е една од двете главни мотивации за парадоксалното јавно расположение во однос на конфликтот. Иако најголемите национални стравови се отцепување на албанското малцинство или повторна анексија од Бугарија, ние остануваме буквално слепи и глуви за овие паралели со случувањата во Украина.
Она што е посилно од овие паралели е призмата на конфликтот како уште еден доказ за двојните стандарди и предавствата на Западот. Почнувајќи од самото западњачко неинформирано тврдење за „прва војна во Европа по ВСВ” (иако дури кај нас пред две децении имаше воени дејствија), па се до улогата во промената на името и неисполнетото ветување за евроинтеграција, огорченоста на Македонците од константните понижувања од Запад се манифестираат низ поддршка за Путин. Во комбинација со општата конзервативност и склоноста за почит кон авторитарни владетели, јасно е зошто не го делиме ставот на европските земји.
За жал, она што го гледаме е она што сакаме да го видиме. Во ера на глобализација, светот ни е на дланка, и војната во Украина е само екстензија на перцепцијата на политиката како натпреварувачки спектакл, во кој добрите се нашите а лошите се нивните. Секое политичко случување, било каде, е само коцка во нашиот мозаик; нас веќе се ни е јасно, се што ќе се случи е само потврда за праведноста на нашата кауза и злото на спротивната страна.
Од ваков пристап, во кој нема простор за нијанси, затоа што секаква нијанса ќе биде компромитирање на идеологијата, произлегуваат и забеганите аргументи дека руската инвазија е оправдана поради американските воени интервенции во Ирак, Сирија, Јемен и каде уште не. Не само што едното нема никаква врска со другото, туку и главно доаѓа од луѓе кои довчера не можеле да ги најдат земјиве на мапа, а за бегалците од тие војни барале ѕидови и концентрациони логори.
Всушност најголемиот парадокс е што наводните антиглобалисти се најстраствени аколити на геополитиката. Наместо отфрлање на меѓудржавни односи, реалполитика, воени маневри, елитни центри на моќ, како основи на денешниот светски поредок, тие само ја зацврстуваат аналитичката рамка базирана на овие категории. Денешните антиглобалисти ги сакаат придобивките на технологијата и мобилноста, и само не сакаат да има ЛГБТ права, вакцинирање, црнци и муслимани.
Вистински антиглобалист не бира страна во руско-украинскиот конфликт, затоа што е отпорен на плимите во бермудскиот триаголник бизнис-политика-медиуми, кој активно работи на негова поларизација. Тој има храброст да каже дека има подеднаква емпатија и за Украина и за Јемен, но дека таа е принципиелна, и далеку од афективна, затоа што подеднакво тешко му е да се идентификува со земји и народи кои се оддалечени илјадници километри, како со тие кои се оддалечени десетици илјади километри.
Најважно од се, вистинскиот антиглобалист не се занимава со дехуманизирачката виртуелна реалност на геополитиката. Тој е свесен за хипокризијата, апсурдите и парадоксите, кои мнозинството ги игнорира, бидејќи во спротивно треба да ја прифати сопствената немоќ да создаде ред од хаосот. Ова чувство на немоќ вистинскиот антиглобалист го компензира со активно учество во локалната политика – волонтирање, протести, вистинска интеракција.
Ова е и единствената вистинска антивоена агенда, која е свесна дека императивот на ненасилство е надреден на сите идеологии. За жал таквите антиглобалисти денес се бројат на прсти. Затоа и хоророт во светот незапирливо продолжува.
Проф. Иво Босилков
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот