Арагонес до Санчез: Дозволи референдум за независност на Каталонија

од Симе Стоиков
233 прегледи

Каталонскиот регионален претседател Пере Арагонес од сепаратистичката партија Републиканска левица на Каталонија (ЕРЦ) денеска во шпанскиот Сенат го повика шпанскиот премиер Педро Санчез да дозволи одржување референдум за можна независност во провинцијата Каталонија.

Арагонес тврди дека референдумот за независност на Каталонија ќе биде неизбежен и нема да биде неуставен и невозможен, објави Еурактив.

Арагонес истакна и дека без оглед на бројните противења, референдумот, амнестијата на каталонските сепаратисти, како и идното собирање даноци на регионално ниво ќе бидат неизбежни.

Тој зборуваше пред Генералната комисија на Сенатот за автономни заедници, каде се разгледуваше извештајот за влијанието на законот за амнестија врз другите региони на Шпанија.

Откако Санчез потпиша договор со каталонските сепаратистички партии Заедно за Каталонија и ЕРЦ во ноември 2023 година за поддршка на тие партии на владата, лидерите на тие партии неколкупати повторија дека усвојувањето на законот за амнестија е само првиот чекор и дека целта е да се распише референдум за независност на регионот на Каталонија.

Според резултатите од неодамнешната анкета спроведена за каталонската регионална влада, 51 отсто од Каталонците на референдум би ја отфрлиле независноста на регионот од остатокот на Шпанија, додека 42 отсто би ја поддржале.

Стабилноста на коалициската влада на Санчез директно зависи од парламентарната поддршка на Заедно за Каталонија и ЕРЦ. Санчез во неколку наврати јасно стави до знаење дека референдумот за независност на Каталонија е „црвена линија“ за шпанската влада, имајќи предвид дека неговото одржување ќе го прекрши Уставот од 1978 година.

Слични содржини