Од денес Армијата на Република Северна Македонија добива нови 149 подофицери, поранешни професионални војници кои во Армијата ги докажаа своите способности професионалност и мотивираност. Армијата во последните две години се зајакна со вкупно 339 подофицери, во четири наврати од по 55, 65, 70 и 149 припадници на Армијата, кои беа избрани од басенот на професионални војници и кои минаа низ двомесечна обука за подофицери.
Министерката Славјанка Петровска на новите подофицери им порача дека тие ја имаат честа да бидат штит на суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата држава, да ги чуваат нашите граѓани безбедни и да го одржуваат мирот за сите нас.
„Вие бевте предложени од страна на вашите претпоставени, благодарение на вашите способности и подготвеност, но и поради тоа што тие веруваа во вас и во вашите капацитети дека токму вашиот индивидуален квалитет може дополнително да придонесе за развој на Армиските капацитети. Бидете горди на ова ваше постигнување, но не застанувајте тука. Продолжете со вашата иницијативност и упорност и бидете пример за останатите”, рече министерката и додаде дека подофицерите се оние кои со личен пример ќе им покажат на професионалните војници како се станува вистински професионалец.
Петровска подвлече дека Министерството и Армијата ќе продолжат да работат заедно за уште посилен развој, нова и модерна опрема, подобри услови за работа.
„Ќе продолжиме да работиме и да одговориме на барањата на Генералштабот и ќе направиме сè за Армијата да биде соодветно пополнета, но и истовремено модернизирана согласно стандардите. Наша обврска е да креираме кадар, но услови и современи алатки за работа, и да одговориме на вашите потреби кои дополнително влијаат на јакнењето на мотивацијата”, истакна министерката.
Командантот на Командата за обука и доктрини, полковникот Васко Коколански рече дека денеска Армијата ги зајакна своите капацитети со лидери кои мотивираат, инспирираат и водат. Коколански додаде дека подофицерите преку секојдневните задачи, обуката на единиците, градењето на капацитети и армиските вредности, придонесуваат Армијата да биде почитувана од сојузниците во Алијансата.
На свеченоста по повод произведувањето на нови 149 подофицери присуствуваа и началникот на Генералштабот, генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски, како и државниот секретар во Министерството, Владимир Анчев.