Модниот креатор Џорџо Армани најави дека повеќе нема да користи природно крзно во неговите колекции, бидејќи „благодарние на технолошкиот напредок, повеќе нема никакво оправдување за бруталност врз животните“.
Тој нагласи дека од сезоната есен-зима 2016, природното животинско крзно нема да се користи во ниту една колекција на „Армани“.
Италијанските медиуми наведуваат дека ваквата одлука на Армани се должи на ставот на неговите богати клиенти, кои се поголемо внимание посветуваат на проблемите и грижата за заштита на животната средина и животните.
По ваквата најава на Армани, се огласи претседателот на здружението „Слободно крзно“, Џон Виндинг, кој оцени дека ова е „доказ за сочуствителноста и иновативноста во иднината на модата“.
Со ваквата одлука, „Армини“ се придружува на „Стела Макартни“, „Хуго Бос“, „Томи Хилфингер“ и „Келвин Клајн“, кои веќе со години не користат природно крзно во своите колекции.