На градскиот плоштад во Тетово се одржа Отворен ден на Армијата по повод четвртата годишнина од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата. Можеше да се види различен тип на воена опрема, приказ на вештините и опремата на специјалните сили, како и настап на воениот оркестар.
„Преку ваквиот тип на активности сакаме Армијата да ја приближиме до граѓаните кај кои ужива голема доверба и тоа ме радува. Сакаме да им покажеме на граѓаните што е она во што инвестираме и како ние ја гарантираме нивната безбедност и стабилност,“ изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска која присуствуваше на настанот со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Петровска посочи дека членството во НАТО е исклучително важна стратешка цел која ја достигнавме и на која, како што истакна сме горди.
„Преку овие отворени денови на Армијата, граѓаните кои имаат и најголема доверба токму во Армијата можат одблизу да се запознаат со нејзината опрема и армиските припадници,“ рече министерката Петровска.
Според неа, задоволувачка е големата посетеност и интересот кај тетовчани за овој отворен ден.