Полска денеска ја обновува операцијата за пребарување делови од неидентификуваниот летечки објект, за кој се смета дека вчера наутро го нарушил полскиот воздушен простор, јавија западните агенции, повикувајќи се на полската армија.
„Ве информираме дека на 30 декември ќе биде извршена копнена потрага во Лублинското војводство за пронаоѓање можни елементи од објектот што вчера го наруши полскиот воздушен простор“, се вели во соопштението на оперативната команда на полската армија на социјалната платформа X.
„Целта на потрагата е конечно да се потврди дека на полска територија нема останати делови од објектот“, се објаснува во соопштението.
Претставници на полските вооружени сили вчера соопштија дека објектот го напуштил воздушниот простор на земјата три минути откако влегол во него преку границата со Украина.
Околу 480 војници од Територијалните одбранбени сили ќе учествуваат во операцијата за пребарување во југоисточна Полска, соопшти полската оперативна команда.
Полското министерство за надворешни работи го повика рускиот вршител на должност за да побара објаснување за нарушувањето на полскиот воздушен простор.