Арсенков: Од почетокот на епидемијата зголемен е бројот на пациенти со ургентна патологија во стара Градска болница

од Берта Китинска
467 прегледи

– За два до три пати е зголемен бројот на пациенти со ургентна патологија на Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје, позната како стара Градска болница од почетокот на епидемијата на Ковид-19. Во периодот од 1 април до 12 мај направени се 5.523 прегледи и извршени се 193 хируршки процедури со доминантна застапеност од областа на трауматологијата, абдоменалната хирургија, неурохирургија, како и други општо хируршки инервенции.

Поради коронакризата во стара Градска болница изминатите два месеца се изведуваа само итни интервенци и операции кај пациенти со малигни заболувања, но, како што вели во интервју за МИА директорот на Клиниката, д-р Љубен Арсенков во периодот што следи се размислува секако и за начинот на постепено враќање во поинакви услови на работење.

Во Клиниката не се вршат тестирања за Ковид-19, бидејќи нема услови за тоа, но затоа, додава Арсенков, уште при првичниот контакт со пациентот и земената анамнеза, односно епидемиолошка анкета следена со мерење на температурата, се прави тријажа и пациентот се прима за натамошни иследувања.

-Доколку телесната температура е покачена или епидемиолошката анкета е позитивна, се превземаат дополнителни мерки за заштита и пациентот се препраќа во установи назначени за згрижување на овие пациенти, истакнува тој во интервјуто за МИА и очекува во иднина тестирањето да биде вклучено и таму во предоперативната подготовка кај пациентите.

Само пет вработени медицински лица од оваа Клиника заболеле од Ковид-19, а по спроведената самоизолација тие се вратени на работа. Внатрешна трансмисија не е забележана, како и заразување на хоспитализираните болни.

За основните здравствени услуги кои граѓаните можат да ги добијат во Клиниката вообичаено, но и во услови на епидемија на Ковид-19, за работите на реконструкцијата на стара Градска болница, која функционира уште од 1963 година, за протоколите кои се спроведуваат сега во услови на коронаворусот зборувавме во интервјуто за МИА со директорот Љубен Арсенков, кој е субспецијалист по дигестивна хирургија, а од јануари е на чело на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје.

Би започнал со еден краток историјат за нашата установа. Ние сме Клиника за хируршки болести, односно во установата основна дејност е хирургијата. Можеби поради фактот што сме познати како стара Градска Болница остава простор да се претпостави дека во болницата се обавуваат и други дејности, но за потсетување за граѓаните не е на одмет да повториме што всушност работиме. Нашата клиника функционира како хируршка установа уште од 1963 година, што само по себе е симболично за градот во кој што работиме, но воедно говори за една долга традиција.

Во клиниката, која е и наставна база на Медицинскиот факултет, се застапени сите специјалности од областа на хирургијата, освен кардио и торакална хирургија. Со поддршка на тимовите од одделението за анестезиологија, радиологија, биохемиска лабароторија, со голема помош од висококвалификуваниот медицински персонал сметам дека го задржуваме високото ниво на пружање на здравствените услуги во нашата клиника.

Една специфичност во нашето работење е соработката и отворениот пристап кон сите установи и профили кои недостасуваат кај нас за да можеме со мултидисциплинарен пристап кон пациентите оствариме подобри резутати. Посебно е значајна соработката со Специјалната болница за гинекологија Чаир, со која речиси на дневно ниво соработуваме и многу често изведуваме хируршки зафати кои бараат учество на гинеколог и најчесто абдоминален хирург.

Во новонастанатата ситуација со епидемијата од Ковид-19, според организацијата и планот на Министерството за здравство, Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ ги прифаќа и третира сите пациенти од градот Скопје кои имаат некаква хируршка болест или состојба, и притоа немаат симптоми на инфекција со вирусот.

Клиниката веке пет години работи со намален болнички капацитет поради реконструкцијата. Кога се прогласи епидемијата се забрзаа одредени финални фази за реновираниот дел да се пушти во функција и да се обезбеди доволно простор за тријажа, прием и епидемиолошка евалуација на пациентите. Како и за остатокот од светот, така и за нас, ова заболување досега беше непознато и нешто ново со кое за прв пат се соочуваме. На почетокот наидувавме на одредени нејаснотии но морам да кажам дека сум горд со начинот на кој нашата установа се справува со тоа. Веднаш се формира Координативно тело за справување со новонастанатата состојба кое воведе протоколи и мерки за работа во тие услови. Се направи еден изолаторен простор на влезот во самата установа, каде што се мереше телесна температура и се земаше епидемилошка анкета. Се реорганизира работата во поликлиничкиот дел, со отворање на уште една дополнителна амбуланта за ургентни случаи и се направи прераспоредување на медицинскиот кадар, со цел ризикот за заразување на персоналот и пациентите да биде сведен на минимум.

По завршувањето на вонредната состојба, се надевам дека градежните активности, кои се во надлежност на Министерството за здравство, ќе продолжат и ќе се завршат во што поскор рок. Исто така, очекувам дека ќе имаме поддршка и од градот Скопје, поради тоа што веќе имаме изработено план за поставување настрешница на влезот и корекција на пристапот кон болницата. Во моментов активно работиме на прибирање донации, без кои што не би можеле да функционираме, а на наше огромно задоволство, дел од тие се реализирани, со што условите за работа веќе се променети на подобро, а со самото тоа верувам дека и гордоста и ентузијазмот на сите вработени се издигнува на едно повисоко ниво.

Слични содржини