Арсовска: Како ќе функционира „Комуналец“ во следните пет дена прашајте го Мицкоски кој лично го наредува овој хаос

Градоначалничката тврди дека премиерот Мицкоски, како што вели, „го тероризира Скопје со своето режимско и диктаторско владеење преку својот Управен одбор, злоупотребувајќи ги институциите и полицијата да сее страв и да врши репресија пред избори“

од Nikola Popovski
45 прегледи

За тоа како ќе функционира ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ во следните пет денови откако беше притворен директорот Сабахудин Рустеми, градоначалничката Данела Арсовска упатува да се праша премиерот Христијан Мицкоски кој, како што вели, лично од својот кабинет го наредува овој хаос кој воедно и го најави како интересна разврска на прес-конференција непосредно пред да се случи.

-Го повикуваме премиерот Мицковски кој има своја претседателка на Управен одбор од ВМРО која воедно е и осуден криминалец за 2 кривични дела во 2006 и 2022 година, да го повика Управниот одбор на Комунална хигиена Скопје согласно член 24а став 2 од Законот за јавни претпријатија да донесе одлука за разрешување на директорот и согласно став 3 од истиот член да именува вршител на должност на претпријатието, истакнува Арсовска.

Градоначалничката тврди дека премиерот Мицкоски, како што вели, го тероризира Скопје со своето режимско и диктаторско владеење преку својот Управен одбор, злоупотребувајќи ги институциите и полицијата да сее страв и да врши репресија пред избори.

„Го прашуваме директно и базирано врз доказите кои граѓаните секојдневно ги изнесуваат во јавност:

1. Дали е приведен директорот на Јавното комунално претпријатие Тетово за еко хаваријата што ја предизвика со отпадот во Вардар и зошто не?

2. Дали е приведен директорот на Јавното комунално претпријатие Гази Баба за еко хаваријата што ја предизвика во Јурумлери со отпадот кој го фрла сред природа со општински камиони и зошто не?

3. Дали е приведен директорот на JП Чистота и зеленило Куманово за еко хаваријата што ја предизвикува секојдневно со отпадот низ Куманово и зошто не?

Или таму РЕЖИМСКИОТ ДИКТАТОР Мицковски не дал наредба да се апси“, стои во јавната објава на Арсовска.

Судија на претходна постапка одреди 30 дневен притвор за Рустеми и управителот на Секторот за отпад Аки Салити што беше и предлог на Обвинителството. За нив како што соопштуваат од судот постои основано сомнение дека извршиле кривично дело од член 23о став 1. загрозување на животната средина и природата со отпад.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд. Обвинителството ги товари за кривично дело по член 230 од КЗ став 1, казниво од 3 месеци до 3 години затвор. Тие се сомничат дека овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести.