Има консензус меѓу четирите партии за финансирањето на јавниот радиодифузен сервис, за владиното рекламирање и за казнената политика на Агенцијата за медиуми, но треба да се прецизираат деталите, вели министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.
– Има консензус за прашањето за јавниот радиодифузен сервис во однос на финансирањето, во однос на износот на средствата што се потребни за да се унапреди работата на јавниот радиодифузен сервис, беше донесен кодекс за етичко и професионално известување на новинарите од МРТВ во соработка со „Би-би-си“, во однос на владиното рекламирање има договор дека средствата што треба да бидат обезбедени за јавни кампањи, под услов јавните кампањи да се навистина од јавен интерес, да се распределат еднакво, значи на сите медиуми што потпаѓаат под дефиницијата за медиуми во законот, а тоа се радијата, телевизиите и печатените медиуми, значи рамномерна распределба на средства, за што е подготвен и закон за владино рекламирање и третата работа којашто беше договорена е во однос на казнената политика на Агенцијата за медиуми – вели Арсовска-Томовска.
Заев: Мора теренска проверка и чист избирачки список
На оваа изјава на министерката реагираа од СДСМ.

“Марта Арсовска Томовска лаже.
Договор за медиумските реформи нема, затоа што од нив бегаат Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски и ВМРО-ДПМНЕ бегаат од лидерски средби, бегаат од работни групи, избегаа и од дебатата за медиуми во Собранието.
Груевски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да продолжи корупцијата на медиумите под нивна контрола со пари од граѓаните.
Реформите во медиумите што треба да обезбедат услови за фер и демократски избори значат целосна департизација и професионализација на советите на Агенцијата за медиуми и на јавниот сервис МРТВ.
Ова е обврска што произлегува од Договорот од Пржино, од Извештајот на Прибе, но и обврска од Извештајот на Европската унија за Македонија.
На таа линија е и ставот на СДСМ што е познат на домашната и на меѓународната јавност.
Неопходно е партиските кадри во советите на Агенцијата за медиуми и на МРТВ да се заменат со експерти.
Груевски попусто се обидел преку Арсовска Томовска да се спаси од вистински медиумски реформи.
Следните избори во Македонија мора да бидат фер и регуларни.
Тоа значи со прочистен Избирачки список и со медиумски реформи, го сакале тоа Груевски и соработниците или не. “- посочија од СДСМ
