Адвокатското друштво ДЕ ЛЕГЕ во сопственост на адвокатите Снежана Калеска-Ванчева и Виолета Василева, преку 5 државни институции по основ на месечни или повремени паушали во периодот од 2017 јуни до декември 2021 година, инкасирало околу 55.000 евра, обзнани денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој наведува дека Министерството за образование и наука, Националната агенција за европски образовни програми, Агенцијата за енергетика, Државниот студентски центар и Агенцијата за странски инвестиции се институциите на чии сметки е закачено адвокатското друштво ДЕ ЛЕГЕ.
– Како е можно баш ова адвокатско друштво да земе за 3 и пол години 55.000 евра? Кој е одговорот на пратеничката Снежана Калеска-Ванчева што токму адвокатското друштво каде што е таа основач и содружник до пред да стане пратеник, земало над 55.000 евра од овие институции во текот на овие три и пол години? Ова е начинот на СДСМ како заработуваат пари на грбот на граѓаните. Калеска во Собрание објаснува за правните норми и правна држава, а позадински нејзиното адвокатско друштво што го основала претходно, пред да стане пратеник земала 55.000 евра од државни институции по основ на паушали. На кој начин овие институции, каде и во најголем дел од директорувањето бил само еден човек директор од СДСМ и цело време токму оваа фирма ги добива паушалите? На кој начин токму оваа фирма ги добивала паушалите? – праша Арсовски.
Тој ја повика Антикорупциската комисија под итно да отвори постапка и да провери дали сето ова е направено во рамките на законот, дали има судир на интереси и дали е етички морално и по законот за судир на интереси.