Имаме Охридски рамковен договор за граѓански концепт на Уставот со кој Македонија не се дефинира како национална држава на Македонците. И мислам дека таму назад враќање нема. Сметам дека ќе биде неприфатливо за Албанците да се рефединира така и второ тоа не е барањето што сме го добиле и согласноста што сме ја направиле со преговарачката рамка со ЕУ, вели за „Локално“ политичкиот аналитичар Петар Арсовски околу барањето на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски за промена на македонскиот Устав по хрватски модел, односно Македонија да биде национална држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во Република Македонија
Арсовски смета дека таква промена е невозможна од двете страни, и дома со етничките заедници и согласно нашиот договор со ЕУ.
-Така да не сум сигурен која е причината поради која ВМРО-ДПМНЕ го бара ова. Можеби за да ја развлече дебатата. Сепак добро е што од ставот „не прифаќаме никаква промена на Уставот“, ВМРО-ДПМНЕ сега разговара за каква промена на Уставот би се согласиле за внесување на Бугарите. Можеби ќе дојде до некаква форма, ако таа дискусија продолжи да се развива, оценува аналитичарот.
Тој е дециден дека ова е барање за зголемување на гласачкото тело пред изборите.
-Секое барање на партиите во опозиција е политички маркетинг, па и на партиите од власта. Прашање е дали е оваа понуда која е наменета за да се одбие односно за да не се случат уставни измени. Ќе видиме во наредниот период. Ако ова значи промена на ВМРО-ДПМНЕ од „не прифаќам ништо до прифаќам нешто за кое можеме да разговараме, тогаш е добро“. Ако е само обид да се спречи општо промена на Уставот, тогаш нема да донесе никому добро, посочува Арсовски.
Сепак вели дека не би ја потценил можноста на албанските партии да најдат причина да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ.
-Бевме сведоци и претходно како албанските партии без никаков проблем седеа во Влада, а тогашното ВМРО-ДПМНЕ беше уште потврдно од сегашното. Ние во преговарачката рамка и протоколот сме се согласиле на извесна промена на Уставот, која не е во линија на ова што сега го предлага најголемата опозициска партија. Дали таквата промена кога би ја направиле, би била срочено во преговарачката рамка што ја имаме?, прашува Арсовски во својата анализа.
Н.П.