Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски смета дека покачувањето на просечната плата е вештачко.
-Ако Ковачевски вели, малку кој верувал дека ќе има 500 евра просечна плата, јас велам дека сето тоа повторно е вештачко. Мораме да потенцираме дека малку кој веруваше во Република Македонија дека СДСМ ќе ја донесе државата на ова дереџе и дека ќе имаме двоцифрена инфлација, која што е една од највисоките во регионот. Малку кој веруваше дека за една година цените на основните животни потреби на граѓаните ќе се зголемат од 30 до 100 проценти, изјавил Арсовски на прес-конференција.
Според него, власта ги лаже граѓаните поради зголемувањето на храната, струјата и горивото.
-Цената на струјата ја покачуваат за 30 проценти, цената на горивата за 80%, цените на лебот и брашното за 100%, цената за шеќерот 40%. Млекото е покачено за 50%, маслото за јадење 100 проценти поскапо и така натаму. Ете го одговорот на Ковачевски. Да прекине да ги лаже граѓаните. стандардот на граѓаните е уништен и тоа го гледаат тие самите секојдневно. Стандардот на граѓаните е уништен, економијата е разрушена. Платите изгубија вредноста која што ја имале претходно и тоа благодарение на СДСМ. Така да, да не ги замајуваат граѓаните, да не ја лажат јавноста, бидејќи никој повеќе не им верува затоа што знаат самите граѓани колку им вреди нивната плата кога ќе влезат да пазаруваат во маркет“, истакна Арсовски.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во видео-обраќање уште еднаш ги повтори најновите статистики за растот на просечната плата.
-Покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која останавме доследни. И покрај сите опструкции од опозицијата и блокирани закони за раст на платите, платите во континуитет растат. Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30 000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев, но со доследни политики успеавме да го реализираме, кажа Ковачевски.