Арсовски: ВМРО-ДПМНЕ има пријателски односи и комуникација со сите партии

од Берта Китинска
311 прегледи

Имаме комуникација со политичките партии и не би навлегувал во детали да не ги нарушам процесите. Но, од она што може да се забележи од претходно што го говорел и претседателот Мицкоски, но и што се постулатите на ВМРО-ДПМНЕ, програмските, економските определби треба да се идентификуваат. Но не би навлагувал во детали за да не наштетам на процесите, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски во одговор на новинарско прашање околу преговорите за формирање нова Влада.

Во однос на комуникацијата на ВМРО-ДПМНЕ со останатите партии, вели тој, морам да забележам дека пријателски односи и комуникација имаме буквално со сите партии, а доколку има некои детали ќе излезе официјална информација.

Прашан дали по средбата на Мицкоски со лидерот на ДУИ Али Ахмети се најавува нова средба или пак во меѓувреме се разговара конкретно со оваа партија или со некоја од останатите партии од албанскиот блок Арсовски со ист одговор дека нема да навлегува во детали за да не наштети на процсот.

-Бидејќи е посериозен процес преговарање на парламентарно мнозинство не би навлегувал во детали за да не им наштети на процесите. Од она што можеше да се забележи имаше една средба меѓу претседателот Мицкоски и претседателот ДУИ, Ахмети која се одржа во Собранието траеше околу еден час, се разговараше за повеќе теми и не би сакал да навлагам во детали да не наштетиме на процесите. Доколку и како ќе се развива ситуацијата натаму ќе бидете благовремено известени од наша страна исто како што бевте транстарентно и минатиот пат. Инаку во однос на комуницирање со партиите ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период на пријателски начин тоа го прави со сите политички партии во Република Македонија, наведе Арсовски.

На прашањето дали вчерашната средба на секретарите на СДСМ и на ДУИ Љупчо Николовски и Артан Груби, ги поткопува плановите на ВМРО-ДПМНЕ за евентуална коалиција со ДУИ, Арсовски одовори дека имало начелна договорена лага дека тие две партии договориле Влада и повторно побара СДСМ да кажат кое е парламентарното мнозинство што го направиле.

-Па да, мислам дека таа начелна, договорена лага траеше неколку часа, бидејќи веднаш потоа СДСМ сами се демантираа дека договориле Влада со Демократската Унија за Интеграција. Па затоа, еве уште еднаш би искористил прилика и јавно да повикам, и воедно да апелирам и до вас медиумите да ги прашате СДСМ, бидејќи три дена веќе велат дека имаат мнозинство, па сами се демантираат, да излезат јавно и да кажат кои се политичките партии со кои што коалицираат, кое е парламентарното мнозинство составено и да бидат транспарентни пред граѓаните. Во моментов стана пишманска партија, така наречена СДСМ пишманска. Како што гледаме, коалициите им траат по неколку часа откако ќе ги обзнанат. Така што, еве апелирам уште еднаш да ги објават партиите и пратениците кои што ќе партиципираат во новото парламентарно мнозинство. Во спротивно, сето ова можеме да го наречеме еден вид манипулирање од страна на СДСМ кон граѓаните, бидејќи, како што реков, се крајно нетранспарентни, изјави Арсовски.

Слични содржини