Артета кандидат за тренер на Барселона, тој вели дека е среќен во Арсенал

од Vladimir Zorba
342 прегледи

Тренерот на Арсенал, Микел Артета изјави дека е привилегиран и исклучително среќен што работи во тој клуб.

Тој се огласи по шпекулациите дека е меѓу кандидатите за нов тренер на Барселона.

Барселона во средата навечер загуби од Рајо Ваљекано со 0:1 и го претрпе четвртиот пораз во шест натпревари во сите натпреварувања, а неколку часа подоцна управата на клубот му врачи отказ на тренерот Роналд Куман.

Артета своевремено настапуваше за младинскиот тим на Барселона и се шпекулира дека е меѓу кандидатите за тренерската функција на Камп Ноу.

„Исклучително сум среќен во Арсенал и привилегиран сум што сум тука. Фокусиран сум на оваа работа. Многу работи се случуваа таму во претходните години. Мора да ја надминете ситуацијата по заминувањето на Лионел Меси, кој беше клучен играч за многу години и знам дека е потребно време. Се надевам дека се ќе испадне добро“, изјави Артета, пренесе „Скај“.

Тренерот на Барселона Б, Серхи Бархуан привремено ќе го води првиот тим додека раководството не избере нов тренер.

Шпанските медиуми шпекулираат дека клубот преговара со поранешниот фудбалер на Барселона, Чави Ернандез, кој моментално го води катарскиот Ал Сад.

По 10 одиграни натпревари во Примера, Барселона со 15 бодови го зазема деветтото место на табелата, додека во групата Е од Лигата на шампионите по три натпревари со една победа го зазема третото место.

Слични содржини