Менаџерот на Арсенал, Микел Артета е задоволен од играта во победата над Лестер (2:0), но не сака да навлегува во калкулации околу пласманот во Лигата на шампионите, иако е свесен дека тоа е очекувано.
„Топчиите“ против „лисиците“ го забележаа петтиот последователен триумф во Премиер лигата, а деветти во претходните 11 натпревари.
– Знаевме дека не можеме да го победиме Лестер доколку не играме многу добро, бидејќи тоа е исклучително тежок ривал. Остваривме голема победа. Задоволен сум од целото издание, пред се од тоа што играчите одлично разбраа што треба да направиме за да триумфираме. Бевме добри во градењето на нападот, топката одеше како што треба, поврзувањето на линиите беше фантастично – сподели пофалби Артета.
Арсенал е на четвртото место со бод повеќе и три натпревари помалку од петтопласираниот Манчестер Јунајтед. Има големи шанси да се врати во Лигата на шампионите, по петгодишно отсуство.
– Во фудбалот, кога ќе почнеш да предвидуваш нешто, на крајот не поминуваш добро. Сакам да размислуваме само на она што можеме да влијаеме – нашата игра. Секако дека ни е јасно дека мора да се вратиме во Лигата на шампионите. Од клуб со ваква историја се очекува да игра во елитното натпреварување, тоа е обврска. Сепак, ништо не е готово. Има уште многу да се игра до крајот на сезоната – предупредува Шпанецот.
Во следниот натпревар лондонскиот клуб го чека Ливерпул на 16 март.