Сирискиот претседател Башар ал Асад ја посетил Москва во вторникот, за да одржи преговори со рускиот колега Владимир Путин. Ова го соопшти прес секретарот на претседателот на Русија Дмитриј Песков, цитиран од TACC.
“Вчера вечерта со работна посета претседателот на Сириската Арапска Република Башар Асад беше во Москва”, информираа од Кремљ.
Разговорите со Путин се спроведени во тесен, а потоа и во широк состав со учество на претставници на највисокото раководство на Русија.
Претседателот Башар Асад, при првата посета во странство од почетокот на сириската војна, изјавил пред својот главен поддржувач и колега Владимир Путин дека руската кампања во Сирија помогнала за ограничувањето на тероризмот.
“Тероризмот, се шири веќе во регионот, би зазел многу поголеми области и би се проширил над многу големи територии ако не беа вашите активности и вашите одлуки”, изјавил Асад.
Главната цел на посетата беше разгледување на воената линија во борбата против радикалната група “Исламска држава”. Двајцата државници разговарале за можностите за проширување на воената акција против терористичката организација која го искористи хаосот на граѓанскиот конфликт во Сирија, за да воспостави контрола во неколку региони.
Асад изразил “огромна благодарност” кон рускиот претседател Владимир Путин и истакнал дека не само политичката елита, но и граѓаните на Сирија сакаат Москва да учествува во изградбата на иднината на земјата.
На средбата Путин изјавил дека во земјата не треба да им се дозволи да војуваат државјани на држави од поранешниот СССР, кои се здобиле со борбено искуство и поминале низ обука во логорите на терористите од забранетата во Русија организација “Исламска држава” .Според рускиот претседател најмалку 4 000 граѓани на републики од поранешниот Советски Сојуз се борат против владините сили во Сирија.
Путин, исто така “посебно” истакна дека од решавање на конфликтот во Сирија се заинтересирани многу држави, затоа Русија нуди регулирањето на сегашната ситуација да остане во тесен контакт со другите земји во светот.
Русија може да помогне на Сирија не само воено,да се бори со бунтовниците од “Исламска држава”, туку и во политичкиот процес, изјавил Путин
“За нас Сирија е пријателска земја. Ние сме подготвени да дадеме колку што можеме, не само за време на воените дејствија во борбата против тероризмот, но и во политичкиот процес “, изјави Путин.
Во рамките на посетата на Москва претседателот на Сирија Башар Асад имал разговори единствено со рускиот претседател Владимир Путин, објави дипломатскиот претставник на Дамаск во руската престолнина Ријад Хадад.
“Посетата на претседателот на Сирија Башар Асад во Москва беше кратка. Се одржа една средба со неговиот руски колега Владимир Путин, во рамките на која земјите разговарале за сириската криза и воената ситуација (во земјата) “, објасни Адад, истакнувајќи дека посетата на Асад била ” обична “.
Од сириското претседателство објавија во средата наутро дека сирискиот претседател Башар Асад се прибрал во Дамаск, по изненадната посета на Москва за разговори со рускиот лидер.
“Посетата во Москва беше вчера, а денес тој е во Дамаск”, изјави портпаролот на претседателството.
