По повод 185-годишнината од раѓањето на големиот руски композитор П.И. Чајковски, европската асоцијација за интеракција во областа на културата, образованието и спортот, „Окса проектс“, организира соло концерт за пијано на кој ќе настапи младата и талентирана Варвара Кутузова, победник на многу интернационални натпревари и една од најистакнатите претставнички на современата руска школа за пијано.
Настанот ќе се одржи на 25 јануари, со почеток во 19 часот, во малата сала во Македонската филхармонија, а истиот е поддржан од „Турски авиолинии“ и модната куќа „Елена Лука“.
На програмата на концертот се дела на Чајковски и на Рахмањинов, а ќе се изведат во присуство на претставници на дипломатскиот кор, културните институции и бизнис-сферата.
Пред почетокот на концертот, во холот на Филхармонија ќе биде отворена изложба на познатиот фотограф Евгениј Евтухов со наслов „Опкружен од музиката и ѕвездите“, која беше претставена во рамките на проектот „Уметноста го обединува светот“, како паралелен настан на минатогодишното издание на Уметничкото биенале во Венеција.
Настанот на „Окса проектс“ е само еден во низата концерти и изложби, кои оваа асоцијација ги организира во соработка со „Пијано центар“ и Арт-галерија „Остен“.