АСОМ: Државата ги уништува домашните компании за игри, ќе остави илјадници на улица

од Vladimir Zorba
212 прегледи

Однапред смислено сценарио односно, договорена работа, наменета за странски однапред договорени компании, вака Асоцијацијата на спортски обложувалници АСОМ ја толкуваше владината одлука за отпочнување на постапка за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа, на вчерашниот брифинг со новинарите.

Асоцијацијата предупреди дека со овој потег Владата може да остави на улица илјадници вработени во индустријата на игри на среќа, односно ќе ја доведе во прашање егзистенцијата на постојните приредувачи на игри на среќа, кои веќе имаат инвестирано во кадар, опрема и простор. Станува збор за сериозни работодавачи со над 10 илјади вработени, кои плаќаат данок на државата од околу 280 милиони евра годишно и придонесуваат за општеството.

Од АСОМ објаснуваат дека постоечкиот закон овозможува легалните приредувачи кои се на пазарот да организираат игри на среќа на интернет, а Владата и Министерството за финансии незаконски не ги донесуваат подзаконските акти цели 9 години, иако министерот за финансии бил должен да ги донесе за 6 месеци. Тие потенцираат дека одлуката која Владата три месеци ја криеше е незаконска.

„Државната лотарија се повикува одредбите на член 7, став 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри. Овој член не пропишува постапка и начин како и услови и критериуми за избор на приватен партнер. Преку овој повик јасно се гледа дека се прекршува Законот за игрите на среќа и забавните игри при што без прецизни законски услови и дефинирани критериуми се избираат приватни партнери. Ова е незаконски и намерно направено за тие да може да си изберат кого сакаат.“- објасни Илијевски.

Тие на вчераниот брифинг го коментираа и образложението на Владата и Лотарија дека со ваквата одлука се правела либерализација на пазарот. Претставниците велат дека не станува збор за никаква либерализација туку дополнителна монополизација од страна на државата заортачена со странски компании.

„Ова не е никаква либерализација на пазарот, туку дополнителна монополизација на бизнисот од страна на државата со странски компании избрани на незаконски оглас“ – коментираат од таму.

Според АСОМ државата прво ги дискриминирала и не им дозволувала да приредуваат интернет игри на среќа, а сега како услов бара да имаат искуство во тоа што јасно укажува дека партнерите се веќе договорени и ги исполнуваат токму наведените специфични услови во јавниот повик. Тие најавија дека нема да отстапат се додека повикот не се поништи.
„Бараме да се поништи повикот кој е незаконски и дискриминирачки, да се донесат подзаконските акти кои со години се држат во фиока и реално да се либерализира пазарот и итно да се вклучат сите засегнати страни во креирање на сите следни одлуки поврзани со индустријата. Срамно, неевропски и недемократски е да се носат закони со кои се уништува гранката без никаква консултација со домашните компании. “ – истакна Илијевски.

Од АСОМ порачаа дека ќе ги преземат сите правни механизми за да ја докажат незаконитоста на владината одлука, најавувајќи дека доколку нивните апели бидат игнорирани тие се подготвени своите права да ги бараат преку протести, бидејќи оваа одлука сериозно ја загрозува егзистенцијата на сите вработени во оваа дејност.

Слични содржини