АСОМ: Владата доби јасна порака и од евроамбасадорот Гир дека не смее да се злоупотребува ЕУ знаменцето

од Vladimir Zorba
216 прегледи

Асоцијацијата на спортски обложувалници на брифинг со новинари побара поддршка во борбата против носење на на новиот Закон за игри на среќа кој Владата сака да го донесе на брза трака со европско знаменце. Асоцијацијата ги повика новинарите да ги отворат прашањата кои се од јавен интерес, од интерес на демократските процеси и правичноста.

Од АСОМ посочија дека предлагањето на Законот за игри на среќа со европско знаменце за кој нема ниедна основа да биде со такво знаменце, е само доказ дека идејата не е да се донесе подобар закон, туку на мала врата да се протне закон кој има друга позадина.

„Како е можно, Владата без дебата, без основна финансиска анализа и импликации од законот, без конкретни докази за ефектите од законот, да сака да протурка нешто што ќе биде колапс на индустријата? Овој закон ќе има страшни последици по буџетот и вработувањата, односно ќе значи оставање на улица 10.000 вработени, играње на црно и враќање на сивата економија на голема врата, и ова го имаме како доказ од регионот конкретно од Албанија“, констатира Илијевски.

Тие посочија дека само во последниот месец откако Владата ги прифати измените на Законот за игри на среќа на предлог на Министерството за финансии, на различни начини преку отворени писма до Владата, јавни повици преку медиумите, писма до Делегацијата на Европската Унија во земјава, писма до Собранието итн., се обиделе да ги повикаат на дијалог, но, велат од АСОМ, институциите тенденциозно ги игнорирале.

„Владата доби јасна порака и од евроамбасадорот Гир дека не смее да се злоупотребува ЕУ знаменцето за носење закони без дебата. Во комуникација со пратеници и политички групи сите потврдуваат дека нема основ за европско знаменце на овој закон, но сѐ уште не е повлечено. Бараме итно враќање на законот во редовна постапка и отворање на транспарентна процедура за носење на овој закон.“ – потенцираа од АСОМ.

Доколку институциите останат глуви на нивните апели и покрај сите обиди за дијалог, од АСОМ најавуваат и масовни протести.

Слични содржини